Сестрата ем крадела цитостатици од Онкологија, ем посредувала за фалсификувани сертификати што ги одбивала Германската амбасада во Скопјe

news
Advertisement

Преку рацете на медицинската сестра од Клиниката за онкологија, А.О. не поминувале само украдените цитостатици од болните од рак, туку и фалсификувани сертификати за германски јазик, за медицинари од Клиничкиот Центар кандисани да се отселат и да работат во Германија во тамошните болници, открива „Слободен печат“. Сестрата што крадеше цитостатици, после работното време на Клиниката за онкологија имала и дополнителен, опскурен „бизнис“. За 1.500 евра таа посредувала кандидатите кои не можеле да положат германски јазик по регуларен пат, да добијат „сертификат“ и тоа за ниво Б2 познавање германски јазик. „Слободен печат“ имаше увид во барем еден таков сертификат, кој бил одбиен од германската амбасада во Скопје и придонел кандидатот што го поднел да претрпи стресови, затоа што бил на раб да не смее да стапне во Германија. Станува збор за висококвалитетен фалсификат, кој на прв поглед не отстапува од оригиналните сертификати што „Гете институтот“ им ги издава на своите вистински кандидати кои вистински полагале за да докажат познавање на германскиот јазик на ниво Б2.

Advertisement

Со таквите „сертификати“ на кои злоупотребено било името и логото на „Гете институтот“, медицинарите оделе во Германската амбасада и аплицирале за виза мислејќи дека веќе платиле поткуп во,,Гете институтот”, кој навистина издава вакви уверенија откако кандидатот ќе го положи испитот кој се состои од повеќе делови – слушање, читање, пишување и зборување.

Во амбасадата биле одбивани, и се соочиле со фактот дека поткупот го плаќале за фалсификувани уверенија за познавање на германскиот јазик со кои „Гете институтот“ немал никаква врска и кои никако не би можеле да го поминат строгиот, европски филтер на визни проверки кој го прави амбасадата.

Но, станува збор за високо-квалитетни фалсификати, со контури идентични со оние кои ги издава институтот до ниво што кога „Слободен печат“ го испрати сертификатот кој го поседува на проверка во „Гете институтот“ тие со чудење мораа да го проверат преку централата во Германија бидејќи станува збор за махерски изведен фалсификат. Единственото сомнително на него, се потписите на официјалните лица. Сепак, од „Гете институтот“ не сакаа отворено и децидно да одговорат на нашето прашање дали станува за фалсификат. Не упатија на страницата за проверка на сертификатите, каде откако ги внесовме податоците од лажната диплома за познавање германски јазик – ни излезе резултат дека станува збор за невалиден сертификат.

„Од мај 2023 година, веб-страницата за верификација на Гете сертификати www.goethe.de/verify е достапна за надворешни лица. На оваа веб-страница заинтересираните можат да ја проверат вистинитоста на Гете сертификатите. Постапката е објаснета на веб-страницата. Вистинитоста на податоците ја споделуваме со официјалните институции како германските надворешни претставништва. Поради безбедносни причини, овие податоци не се јавно достапни за поголема целна група. Ако кандидатите за испит во Гете-институт полагале испит и не добиле други информации, тие можат да пристапат до резултатите од нивните испити на следниов линк Mein Goethe.de“, изјавија од „Гете институтот“ за „Слободен печат“.

Медицинската сестра А.О. била контакт лицето кое на бензинска пумпа во населбата Чаир, од медицинско лице кое не можело по регуларен пат да го положи тестот во „Гете Институтот“ а требало да работи во Германија, зела 1.500 евра „за да среди сертификатот да биде издаден без реално да се полага испитот“.

Според нашите доброупатени извори кои учествувале во оваа трансакција, за оваа измама да биде уште поуверлива, креиран бил и електронски портал на кој апликантот кој го платил поткупот си го видел името, презимето и освоените бодови и дека „положил“.

Така поверувал дека поткупот не бил даден за џабе, мислел дека платил мито во „Гете институтот“ преку посредникот односно сестрата А.О., ја зел фалсификуваната диплома од рацете на медицинската сестра и без да знае дека поднесува лажен документ, аплицирал за виза во Амбасадата на Германија во Скопје.

Но, набрзо потоа бил одбиен за виза, со образложение дека приложил невистинит и неверодостоен, односно фалсификуван сертификат за познавање на германскиот јазик. Сите обиди да стапи во контакт со медицинската сестра после тоа биле безуспешни. Бил блокиран, а стравувал и дека вратата за влез во Германија му е затворена односно дека ќе добие забрана за влез, иако веќе имал најдено и работа и сместување. Срамот и црвенеењето биле големи и пред надлежните во болницата во Германија која го имала „таксано“ ова медицинско лице и го очекувале да почне со работа.

„Амбасадата не објавува никакви статистики за доделените визи или информации за поединечни барања за визи. Општи информации за праксата за доделување виза на оваа Амбасада, ќе најдете на нашата веб страна. Документите кои што се приложуваат во рамки на постапката за поднесување на барање за виза, внимателно се проверуваат како од Амбасадата, така и од соодветните германски служби во однос на веродостојноста и вистинитоста на содржината. Во врска со јазичните сертификати, Амбасадата дополнително има блиска соработка со оние што ги издаваат сертификатите, кои ја верификуваат нивната веродостојност со помош на нивните централни бази на податоци. Лажни податоци во постапката за виза, пришто тука се вбројува и поднесување на лажни или фалсификувани документи, редовно водат до одбивање на дотичното барање за виза“, изјави за „Слободен печат“ Флориан Трегер-Штајнтјес од Амбасадата на Германија во Скопје.

Првпат оваа медицинска сестра со сомнителен морален кредибилитет, цитостатици крадела во 2020 година, а вториот пат, во 2023 година. После првата кражба и дисциплинска постапка, за шест месеци била вратена на работа на Клиниката за онкологија. Таму го повтори делото годинава и тоа резултираше со отказ кој првиот пат не ѝ бил даден од мистериозни причини. Јавното обвинителство минатата недела соопшти дека против неа поднеле обвинение за проневера.

„Јавното обвинителство против медицинската сестра поднесе обвинителен предлог за кривично дело проневера во службата од член 354 од Кривичниот Законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице“, соопштија од Обвинителството.

Но, таа веќе избега во Германија, уште пред да ѝ биде поднесено обвинение, не се појави на распит пред обвинител и ќе ѝ биде судено во отсуство.

ИЗВОР

„Слободен печат“ открива: Сестрата ем крадела цитостатици од Онкологија, ем посредувала за фалсификувани сертификати што ги одбивала Германската амбасада во Скопјe

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.