Скопје уште во топ 10 најзагадени градови на светот

news
Advertisement

Жителите на Скопје утрово се разбудија во смог, а градот повторно се најде на неславната ранг листа на најзагадените градови во светот, заземајќи го 9-тото место според според платформата „IQAir“, која го следи аерозагадувањето во реално време.

Advertisement

Македонскиот главен град, со индекс на квалитетот на воздух од 166, на листата е заедно со градови од Индија, Кина и Пакистан кои се познати по лошиот квалитет на воздух. Според платформата во моментов аерозагадувањето во Скопје е штетно по здравјето. Загаденоста ја потврдуваат и поединечните мерни станици поставени низ главниот град. Според платформата pulse.eco во моментов на најголемиот дел од мерните станици низ Скопје се регистрираат екстремно високи нивоа на ПМ10 честички. Најзагадено е во Кисела Вода, каде се измерени речиси 400 µg/m3 ПМ10 честички, а над 200 µg/m3 се регистрираат и во центарот на градот и Општините Бутел, Гази Баба и Аеродром.

Истовремено официјалните мерни станици на Министерството за животна средина веќе неколку дена не собираат податоци за загадувањето низ Скопје. Од 24 декември недостасуваат податоци за пет од шесте станици на Министерството, а нема податоци ниту за мобилната мерна станица во Ѓорче Петров. Единствено функционира мерната станица во Гази Баба, каде на мерењето во 8 часот беа регистрирани 114 µg/m3 ПМ10 честички.

Ситуацијата не е ништо подобра ниту во другите делови на С. Македонија. Високи нивоа на аерозагадување во 8 часот имаше во Битола (181 µg/m3), Струмица (151 µg/m3), Прилеп (135 µg/m3), Берово (93 µg/m3), додека Кавадарци (70 µg/m3) и Гостивар (60 µg/m3) се најмалку загадени, но сепак се наоѓаат над максимално дозволеното ниво. Од Министерството претходно информираа дека поради проблеми со мрежните системи на МЖСПП и инсталација на нова серверска опрема не се достапни податоци од мерните места Тетово и Гевгелија.

Поради високото аерозагадување МЖСПП во саботата соопшти дека стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, па во моментов на сила се препораките за ослободување од работа на критично загрозените популации граѓани, реорганизација на работното време на лицата кои работат на отворено, откажување на спортски и културни манифестации на отворено и зголемена активност на итната медицинска помош.

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје вчера соопшти дека на сила стапува мерката за бесплатен јавен превоз се` до завршување на алармантната состојба.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.