Со крв што бликала од носот и притисок 240, пациентка се заглавила во лифтот на ГОБ „8 Септември“ а наместо мајстор, ја извлекол друг пациент

news
Advertisement

Со крв која бликала од носот и со крвен притисок од 240, пациентка и нејзината ќерка во саботата во ГОБ „8 Септември“ останале заглавени во лифтот од болницата. Наместо да ги однесе на седмиот кат, лифтот одненадеж пропаднал во подрумските простории. Пациентката паднала од стресот и 45 минути не дошол мајстор да интервенира на дефектот. Со клешта, болничкиот персонал ја подотворил вратата за да влегува воздух, а пациентката и ќерка и минувале низ пекол.

Advertisement

– Мајка ми имаше крвен притисок од 240 и затоа дојдовме во ГОБ „8 Септември“. Откако лифтот пропадна и се заглави, десет минути ѕвонев на ѕвончето и никој не реагираше. За среќа имав мрежа на телефонот и успеав да се јавам на сопругот кој чекаше надвор, па тој отиде кај обезбедувањето. Инаку немаше ниту да се сепнат на ѕвонењето. Со клешта ја подотворија вратата да влегува малку воздух, затоа што мајка ми беше во многу лоша состојба. Мајка ми држеше марамчиња врз носот за да ја сопре крвта. Среќа е што крвареше инаку можеше да добие мозочен удар од тој стрес, изјави за „Слободен печат“ нејзината ќерка Бојана Јовановска.

Иако поминале 45 минути мајсторот никаде го немало, туку од надвор само се слушало дека единствен мајстор присутен во болницата е водоинсталаторот.

Хоспитализиран пациент облечен во болнички пижами, неможејќи да го гледа хоророт, со раце на сила ги подотворил вратите од лифтот и мајката и ќерката ги извлекол надвор, за што морале да се прекачат врз него.

– Една сестра застана на наша страна, кажа дека лифтот редовно се заглавува и дека ова нема смисла. Мајка ми со толку висок притисок можеше да умре. Откако излеговме надвор, влеговме во еден помал лифт, веројатно за персоналот, и се качивме на 7 кат на ОРЛ. Таму мајка ми врескаше од стресот и пак ѝ ставија нови тампони, а сестрата беше крајно нечовечна и дрско не сакаше ни да ми објасни што ќе ѝ се прави на мајка ми. Заврши се, и повторно после целиот тој хорор што го преживеавме не испратија пешки по скали да се симнуваме. Тоа беше хорор, уште сум во шок, додава Јовановска.

Градската општа болница „8-ми Септември“ во јуни годинава има склучено договор со фирмата „Сезал“ ДОО Скопје, за поправка, одржување и месечно сервисирање на лифтовски постројки и паушално одржување на лифтови. Договорот се однесува на вкупно 17 лифтови во болничката установа.

Според договорот, обврска на носителот на набавката е да обезбеди сервисер за лифтови кој ќе биде присутен во просториите на болницата во која се наоѓа системот за известување и тревожење при дефекти на лифтовите, секој работен ден, од понеделник до петок од 8 до 16 часот, кој веднаш ќе интервенира на дефектите на лифтовите. Со оглед на тоа што немилиот настан за кој раскажува Јовановска се случил во саботата во 19 часот и 40 минути, според договорот за јавната набавка, во болницата на приправност требало да има екипа на повик.

„Носителот на набавката е должен со поправката на дефектот да започне во најкраток можен рок, односно веднаш по телефонско јавување од страна на надлежните служби на договорниот орган. Треба да има мобилна дежурна екипа која ќе интервенира на дефекти на лифтовите 24/7 односно во секој момент од денот и во денови на викенди и празници. По примениот повик за интервенција екипата да пристигне најдоцна 30 минути од повикот“, пишува во членот 10 од Договорот за јавна набавка до кој дојде „Слободен печат“, а кој е склучен меѓу ГОБ „8-ми Септември“ и компанијата „Сезал“ во јуни 2023.

Директорот на здравствената установа, професор доктор Христијан Костов го проверува настанот и вети дека со став на болницата ќе излезе во текот на денот, поради неодложни обврски и потребното време за проверка. Во ГОБ „8 Септември“ подолго време во минатото имаше проблеми со лифтовите кои се решаваа на начин што се набавија нови, а од системот за јавни набавки е евидентно дека секоја година на лифтовите им се прави технички преглед. Во март 2023 година болницата на тендер од „Сезал“ набавила 33 автоматски врати за лифтови за 8,1 милион денари, 3 кабини за 2,7 милиони денари и информациски дисплеи за 457 илјади денари.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/video-so-krv-shto-blikala-od-nosot-i-pritisok-240-pacientka-se-zaglavila-vo-liftot-na-gob-8-septemvri-a-namesto-majstor-ja-izvlekol-drug-pacient/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.