Со седум законски измени до помали плати за функционерите

news
Advertisement

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека функционерите нема да се откажат од покачувањето на платите за 10 отсто идната година, туку Владата ќе одлучи да нема зголемување.

Advertisement

Со новиот буџет за 2024 година не се предвидени средства за повисоки плати на функционерите. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека избраните и именуваните функционери нема да се откажат од покачувањето на платите за 10 отсто, туку Владата ќе одлучи да нема зголемување.

Ваквиот предлог наскоро се очекува да биде доставен до Владата. Но, според Битиќи потребни се седум законски измени за да бидат опфатат сите 1.260 функционери во земјата, чии платите ќе треба да се коригираат.

Владата и синдикатите договорија јавниот сектор да има зголемени плати за 10 проценти, К-15 од 10 илјади денари кој ќе треба да го добијат до крајот на годината, а од март ќе стартува и новата методологија која треба да стави ред во платите. Оваа методологија ќе почне да се применува од март 2025 година и е надеж дека со неа ќе се ослободи процесот на усогласувањето на платите од влијанието на политичарите.

Нова методологија
Со оваа методологија следната година и сите функционери ќе треба да добијат повисоки плати, но Битиќи е дециден дека тоа нема да се случи.

„Се испостави дека не може со еден закон да се адресираат сите 1.260 функционери и дека се потребни седум измени во законите зашто, на пример, измената во еден закон значи дерогирање на одредени права од друг закон што е противуставно. Работната група тоа веќе го гледа, од минатата недела. Сакаме системско решение и мислам дека работната група наскоро ќе има предлог кој ќе биде доставен во Владата за потоа да се испроцесира до Собранието. Секако, тоа што го планираме во Буџетот за 2024 е со сегашните предвидувања, со одредени скратувања на обврски за следната година за зголемување на платите“, истакна вицепремиерот, одговорајќи на новинарски прашање по промоцијата на проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“.

Според него, има скратување и во други области во кои има непродуктивни трошоци.

Вицепремиерот истакна дека во 2025 година ќе има целосно нова методологија за плати според која, платата во јавниот сектор ќе се пресметува со истата методлогија по која се пресметува и платата на избраните и именуваните лица. Догодина, пак, јавниот сектор ќе го добие зголемувањето на платите што ќе го издејствува преку гранковите колективни договори кои „не може да бидат спротивни на начелата од Општиот колективен договор“.

Премиерот Димитар Ковачевски, седум месеци по стапувањето на сила на одлуката на Уставниот суд со што платите на функционерите рипнаа за 78 проценти, најави дека треба да се најде друго поприфатливо решение за платите.

Од 21 март со одлука на Уставниот суд пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми имаат зголемена плата до 78 проценти. Освен министрите, поголеми плати имаат и претседателот на државата, судиите, обвинителите, пратениците, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.