Средба Митрески – Агелер: Функционално и ефикасно Собрание е во интерес на граѓаните

news
Advertisement

Амбасадорката Агелер му честиташе на претседателот Митрески за изборот на новата позиција и му посака успешно извршување на функцијата.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Јован Митрески денеска оствари средба со Ангела Прајс Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во земјава, со која разговараа за приоритетните активности во законодавниот дом во наредниот период.
Амбасадорката Агелер му честиташе на претседателот Митрески за изборот на новата позиција и му посака успешно извршување на функцијата. Таа нагласи дека Република Македонија во САД секогаш ќе има пријател и голем поддржувач.
Претседателот Митрески се заблагодари за континуираната поддршка што САД и ја дава на нашата земја како во однос на реформските процеси, така и во однос на нашиот евроинтеграциски пат кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласи дека македонските граѓани особено го ценат стратешкото партнерство со САД, кое претставува столб за силната билатерална соработка меѓу двете држави.
Двајцата соговорници се осврнаа на приоритетите на Собранието во периодот што следува, односно до почетокот на изборната кампања, но и ја нагласија потребата од парламентарен дијалог меѓу пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата, што е клучно за ефикасна работа на Собранието.
Претседателот Митрески истакна дека во наредниот период Собранието ќе работи интензивно, негова обврска е да ги процесуира предлозите што доаѓаат до Собранието, независно дали како предлагач е Владата или група пратеници.
Тој нагласи дека за прв пат после 16 години се одржуваат редовни парламентарни избори, што значи дека Собранието ќе работи до почетокот на изборната кампања за претседателските избори, односно до почетокот на април. Тоа остава доволно простор да заврши постапката за повеќе важни законски решенија.
Амбасадорката Агелер нагласи дека независно што во овој предизборен период функционира техничка Влада, во интерес на граѓаните е институциите да бидат ефикасни. Таа додаде дека следува исклучително важен период за нашата држава, поради што е многу важно процесите да се одвиваат во согласност со предвидената динамика и постапка.

Advertisement
Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.