Ставридис ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го деградира јавното здравство заради политичка пропаганда

news
Advertisement

Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис, реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека доделила тендер на семејната фирма предводена од нејзиниот татко, иако таа била единствен понудувач и со години, и во времето на оваа партија на власта, добива јавни тендери.

Advertisement

-ВМРО-ДПМНЕ повторно заради партиски интереси се обидува да стави дамка на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, која по сите медицински показатели е една од најуспешните клиники од ваков тип во регионот и пошироко. Разбирам дека политичкиот ринг е суров, но не можам да се согласам со ваквиот пристап на една политичка партија, која наместо да ги согледа и прифати аргументите, повторно одлучи да инвестира во подигањето на паника кај пациентите, преку дополнителна деградација на јавното здравство. Нешто што сум сигурна ќе им штети на среден и долг рок.

Уште еднаш повторувам, темата за сомневањата за евентуален конфликт на интереси меѓу мене, како актуелен медицински директор и веледрогеријата „Д-р. Пановски“, сопственост на мојот татко, веќе беше предмет на истражување на Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство кое темелно ги разгледа сите факти и утврди дека сите јавни набавки на клиниката се спроведуваат согласно позитивните законски прописи.

Земајќи предвид дека кога опозициона политичка партија се обидува да креира скандал, јавноста со целосно право може да се посомнева дека навистина постои евентуален конфликт на интереси, должна сум повторно да предочам одредени околности, кои треба да земат предвид. Едноставно, како актуелен медицински директор, моја обврска е да го заштитам интегритот на тимот на клиниката. Веледрогеријата „Д-р. Пановски“ се занимава со оваа дејност веќе 29 години и меѓу другите здравствени установи и клиники, со години, уште пред јас да дипломирам на Медицинскиот факултет учествува на јавни набавки и склучува договори со различни клиники, меѓу кои и клиниката за хематологија. Неспорен факт е дека дел од лековите кои се задолжителен светски протокол за клиничката терапија на пациентите кои се лекуваат на оваа клиника, единствен застапник за Република Северна Македонија е токму оваа веледрогерија. Затоа, целосно свесна за овие околности, управниот одбор на клиниката за хематологија, на мое барање, со одлука ми ги има одземено сите надлежности со кои јас би можела да влијаам во процесот на јавни набавки каде како потенцијален добавувач може да се јави веледрогеријата „Д-р. Пановски“. За оваа одлука е информирана и Државната Комисија за спречување на корупцијата.

Со целосна морална и кривична одговорност, уште еднаш јавно изјавувам дека најмалку од мене, Ирина Пановска Ставридис зависи, дали и колку лекови „Д-р Пановски“ ќе добавува на Хематологија и генерално во јавното здравство. Јас нема да ставам свој потпис на ниту еден договор за јавна набавка со веледрогеријата „Д-р. Пановски“.

Што се однесува до посочената јавна набавка сакам да ја известам јавноста дека на 5 април 2023 година, заради обезбедување на висок степен на транспарентност и набљудување на процесот на јавни набавки и начинот на утврдување на потребата за соодветни лекови за потребите на Хематологија, беа вклучени претставници на НВО секторот како надворешни лица. Јас лично како медицински директор заедно со организацискиот директор се обративме до пет Здруженија на граѓани кои се грижат за правата на пациентите, дополнително до специјализирани организации кои следат процеси на јавни набавки, како и до Државната Комисија за спречување на корупцијата. Следствено на тоа, согласно член 30 од Статутот на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија беше постапено.

Како и да е, бидејќи немам што да кријам, ја користам приликата уште еднаш да ги повикам сите надлежни државни институции повторно да извршат увид во работењето на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија и да се произнесат по обвинувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да верувам дека сите политички фактори во државата навистина посакуваат квалитетно јавно здравство кое по светски стандарди ги лекува пациентите.

Конечно, заради објективно и непристрасно информирање на јавноста, апелирам до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ пред да продолжат со обвинувањата да соопштат јавно колку јавни набавки во периодот 2006-2016 добила веледрогеријата „Д-р. Пановски“ во јавното здравство?-стои во реакцијата на Ставридис.

Претходно, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева обвини дека здравството во земјата, наместо да биде извор на лек и спасување животи, станало извор на сомнителни тендери. Милионските бизниси и фаворизирањето семејни фирми, како што рече, не е новитет за оваа Влада, а во секторот здравство, според Митева, тоа е и најизразено.Таа зборуваше за, како што ја нарече, т.н. годишна пракса на Клиниката за хематологија, каде што директорка е Ирена Пановска-Ставридис, да се даде тендер на веледрогеријата Д-р Пановски, каде што сопственик е татко ѝ.

-На овој тендер како единствен понудувач се јавила токму фирмата на таткото, а ќерката е директорка на Клиниката, која го распишува огласот. Дополнително, при склучување на договорот Клиниката за хематологија е застапувана од заменик-претседателот на управниот одбор, која е овластена со решение да може да склучува договор, а одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена од директорот кај договорниот орган, односно ќерката за најповолен понудувач си го избрала таткото, изјави Митева.

Таа рече дека ова не е прв договор што сопственикот на АД Д-р Пановски го добива од својата ќерка.

-ДКСК веќе еднаш отвори случај пред неколку години, кој сè уште нема никаква завршница за други тендери исто така во висина од 3 милиони евра, кои биле дадени од ќерката на таткото Пановски, рече Митева. Ова, според неа, е доказ дека неказнивоста на криминалот значи поддршка на криминалот.

Извор: https://nezavisen.mk/stavridis-ja-obvini-vmro-dpmne-deka-go-degradira-javnoto-zdravstvo-zaradi-politichka-propaganda/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.