Тензично во судница: Се одложи рочиштето за аптекарот од Онкологија обвинет за земање поткуп

news
Advertisement

Дали аптекарот од Клиниката за онкологија, К.У., кој е обвинет дека ѝ барал мито на пациентката Минка Веизовска за да ѝ издаде биолошка терапија „Кејтруда“, бил сам во овој опскурен начин на заработка или пак соработувал со други на Клиниката кои му биле надредени? Денешното судско рочиште не даде одговори на ова прашање, со оглед на тоа што ниту оштетената пациентка Веизовска, ниту обвинетиот не дадоа исказ. Рочиштето се одложи затоа што адвокатката на обвинетиот денеска ги доби доказите од Обвинителството.

Advertisement


К.У, поранешен фармацевт вработен на Клиниката за радиотерапија и онкологија, обвинет за поткуп и неговата бранителка

Но, во судницата стана тензично кога пациентката Веизовска, која во ноември минатата година му даде бележана зелена банкнота на аптекарот со што тој го заработи обвинението, кажа дека таткото на аптекарот, пишувал навреди за нејзиното семејство и за нејзиниот син на Фејсбук минатиот месец. Во судницата беа повеќе членови на семејството на аптекарот, кои негодуваа на тоа што пациентката го зборуваше, па припадник на судската полиција ги отстрани од судницата.

-Судијке, сакам да ви пријавам додека сум тука, дека од таткото на обвинетиот имав навреди на Фејсбук за целата моја фамилија. Имаме и докази и сакаме да ги дадеме на обвинителот. Јавно на Фејсбук пишуваше навреди за мојот син, за моето семејство. Потоа го повлече пишуваното, но јас го имам зачувано и го пријавив во кичевската полиција. Сакам да го пријавам и кај вас, зашто ем сум оштетена, ем навредена, рече Веизовска.

Минка Веизовска, онколошки пациент на која ѝ бил баран поткуп за да добие биолошка терапија „Кејтруда“ на Онкологија, иако имала право да го добива лекот бесплатно, бидејќи веќе бил платен од државниот буџет

Пациентката Минка Веизовска претходно за „Слободен печат“ сведочеше дека била жртва на уцените на аптекарот. Таа имала лекарски извештај од специјалист за да прими биолошка терапија „Кејтруда“ на Клиниката за онкологија како онколошки пациент. Но, аптекарот барал да му даде пари на рака за да ѝ го даде лекот.

Ме уцени со зборовите „Во мои раце си, пази што правиш“. А јас тоа го сфатив како закана по мојот живот, рече Веизовска.

Целата нејзина изјава проследете ја во продолжение.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/tenzichno-vo-sudnica-se-odlozhi-rochishteto-za-aptekarot-od-onkologija-obvinet-za-zemanje-potkup/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.