Учениците се враќаат во училиштето „Владислав Рибникар“ – наместо настава ќе има разговори со психолози

news
Advertisement

Една недела по трагедијата во белградското ОУ „Владислав Рибникар“, кога ученик изврши масакр и уби осум соученици и чувар, а рани уште шест деца и една наставничка, учениците се враќаат во училниците.

Advertisement

Наместо редовна настава, на децата им се обезбедува поддршка и отворен разговор. Редовната настава ќе почне кога учениците и наставниците ќе проценат дека е дојдено време за тоа. Активностите се прилагодени на потребите, а децата, родителите и наставниците можат да разговараат со психолозите во училиштето за да им дадат поддршка. Полицијата го обезбедува влезот на училиштето.

Српскиот помошник министер за образование Милан Пашиќ за РТС изјави дека мислењето на експертите е дека учениците од ОУ „Владислав Рибникар“ треба што поскоро да се вратат на училишните активности, но дека наставата не е во преден план, туку прашањата што ги поставуваат децата. Тој посочува дека Министерството за образование организирало низа состаноци.

„Тимот одржа неколку состаноци, а во училиштето беше формиран тим за кризна интервенција, кој имаше задача да ги координира сите активности во училиштето заедно со друг тим. Веднаш беше дадена поддршка на вработените. Имаше психијатри, психотерапевти и психолози.“ – изјави Милан Пашиќ помошник министер за образование на Србија.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ вели дека девојчето кое е рането во главата е во „многу тешка состојба“, додека момчето кое има тешка повреда на рбетот е „целосно будно“.

„Останатите две момчиња се уште се во шок соба. На девојката со повреда на главата ќе и биде извршена операција.“ – изјави Даница Грујичиќ – министерка за здравство на Србија.

Седмооделенецот кој го изврши масакрот во училиштето, сѐ уште е на опсервација во Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци, а неговиот татко е во притвор. Иако 13 годишниот убиец според законот во Србија не може кривично да одговара, сепак полицијата води истрага за да ги утврди сите факти околу оваа трагедија. Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа им се обрати на граѓаните во врска со трагичните настани, но и за, како што рече, обидите за политизирање на тие настани од страна на опозицијата.

„Нивната единствена цел е насилно да ја преземат власта и да ја воведат хаос, нестабилност и немири во Србија. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани на Србија на 26 мај, ден пред големите и важни одлуки за Србија, да ги одбранат демократските вредности на нашата земја да дојдат на најголемиот собир досега одржан во Србија.“ – изјави Александар Вучиќ – претседател на Србија.

Претходно, во Белград протестираше опозицијата која побара итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на реалните шоуа и оставки од медиумските регулатори.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.