Финска има нов претседател

news
Advertisement

Поранешниот конзервативен премиер Александар Стуб победи во вториот круг од претседателските избори во Финска во неделата, на кои негов противкандидат беше либералниот член на Зелените, поранешен шеф на дипломатијата Пека Хаависто.
Прогласен e за победник откако во вториот круг освои 51,6 отсто од гласовите, откако беа преброени 99,7 отсто. Хаависто освои 48,4 отсто, според податоците на Министерството за правда.
„Единствено на што мислам сега е благодарност. Ова е голема победа за демократијата во Финска“, рече Стуб.
Во телевизиско обраќање, тој ја нарече победата „најголемата чест“ во животот и рече дека е „исклучително среќен и благодарен што Финците гласаа во толку голем број и што можам да служам како претседател на Република Финска“.
„Александар, честитки за 13 претседател на Финска“, беа зборовите со кои Хаависто на јавната телевизија го призна поразот.
Стуб е проевропски ориентиран, голем поддржувач на Украина и со цврст став кон Русија. Стуб и Хаависто влегоа во вториот круг на претседателските избори во Финска, откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови во првиот круг пред две недели, во кој учествуваа деветмина.
Шефот на финската држава се избира на шестгодишен мандат, надворешната политика ја води во тесна соработка со владата, а воедно е и врховен командант на вооружените сили. Токму оваа улога доби дополнително значење со оглед на геополитичката ситуација во Европа и влезот на Финска во НАТО. Таа земја има граница со Русија долга 1.340 километри.
Стуб треба да ја преземе функцијата на почетокот на март, наследувајќи го претседателот Саули Ниинисто, кој заврши два шестгодишни мандати и повеќе не му е дозволено да се кандидира. Под Ниинисто и по руската инвазија на Украина, нордиската земја одлучи да аплицира за членство во НАТО во 2022 година. По една деценија воено неврзување, таа стана 31-ва членка на одбранбената алијанса во април 2023 година.

Advertisement
Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.