Ќе остане ли Алтернатива без Министерството за здравство ако Алијанса влезат во владата?

news
Advertisement

Шпекулациите за влез на Алијанса за Албанците во владата не добија потврда по денешната средба на Таравари со премиерот во владата. В.Д. претседателот на партијата тврди дека на двочасовната средба разговарале за сосема други теми и добиле никаква понуда.

Advertisement

„Сите тие пишувања за поделба на ресори, сè се тоа шпекулации“, тврди тој.

Наши извори, сепак, потврдуваат дека распределбата на ресорите била главната тема на денешниот разговор. Наводно, Алтернатива ќе ги изгуби Министерството за здравство и функцијата министер без ресор, задолжен за дијаспората. Не е сигурно дали Алијанса ќе го добие здравство или можеби некој друг ресор, затоа што СДСМ сакале да го задржат сегашниот број на министерски позиции.

Во јавноста се шпекулира и дека, покрај здравство, министерствата за кои се разговара се и Правда, Земјоделство, Образование и Животна средина. Три од нив треба да добијат од Алијанса, како и три заменик-министерски места и 30 директорски позиции. Од Алтернатива не сакаат да коментираат јавно, но се сомневаат дека овие шпекулации ги пуштаат од ДУИ, за да го амортизираат незадоволството во сопствената партија.

Наводно, од „Огнената група“ се заканиле дека ќе делуваат како фракција, доколку Алијанса влезат во владата. Незадоволни се од тоа што, зајакнувањето на мнозинството со осум пратеници ќе го намали влијанието на оваа група која сега контролира најмалку тројца пратеници.

Таравари изјави и дека, партијата има и црвени линии кои се неопходни за да продолжат да преговараат. Се работи за пакет мерки, но и услов да нема предвремени избори, а при отворање на уставот, да се тргне процентот од 20 отсто за Албанците. На прашањето, каде се разијдоа со ВМРО-ДПМНЕ, со кои коалицираа на локалните избори, рече дека не им се допаѓа тоа што го говорат во таа партија и ги обвини дека станале поголеми националисти и од Левица.На нашето прашање, дали сега им се допаѓа тоа што го говори владејачкото мнозинство што во изминатиот период жестоко го критикуваше за криминал и корупција, рече дека не.

„Ќе ги критикувам повторно. Аферата со Онишченко ние ја извадивме, а ги критикуваме и за непотизмот и корупцијата во Тетовскиот универзитет. Ќе продолжиме како и до сега, без разлика дали ќе влеземе во владата“, изјави Таравари.

Опозицискиот лидер, пак, обвини дека, доколку Алијанса станат дел од владата, тогаш тоа е комплетно политичко скршнување од тезите кои беа кажувани изминатиот период и легитимирање на сета погрешна политика во замена за фотељи.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.