
Дел од пензионерите ќе добијат по 6.000 денари празнична помош
Штип, 15 декември 2025 (22:36) – Општина Штип ќе додели еднократна финансиска помош од 6.000 денари на 100 пензионери со најниски примања, во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
Од локалната самоуправа информираат дека оваа мерка е дел од Програмата за социјална заштита за 2025 година и е наменета за пензионери кои се евидентирани преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Целта на оваа поддршка е да се ублажи финансискиот притисок врз најранливата категорија граѓани во период кога трошоците традиционално се зголемуваат.
„Со оваа мерка сакаме да им помогнеме на пензионерите со најниски примања и да покажеме дека Општина Штип останува посветена на грижата за своите граѓани“, соопшти градоначалникот Иван Јорданов.
Исплатата на средствата ќе се реализира согласно утврдените критериуми и во соработка со надлежните институции.