„Ѓаволот“ нема да оди во затворски притвор – определен куќен притвор под 24-часовен надзор
Скопје, 17 декември 2025 – Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) предложи, а Кривичниот суд Скопје прифати, мерка куќен притвор со 24-часовен надзор за Љупчо Пецов – Ѓаволот, првообвинет во предметот „Синџир“.
Од Обвинителството информираат дека одлуката за поблага мерка е донесена поради нарушена здравствена состојба на обвинетиот, но и поради ризици по неговата лична безбедност доколку биде сместен во затворски притвор.
Пецов, кој до вчера беше во бегство и за кого претходно беше определен притвор од моментот на неговото пронаоѓање, доброволно се пријавил кај надлежните органи. Тој ги предал двете патни исправи и доставил медицинска документација со која се потврдува дека има влошена здравствена состојба и дека претходно бил на болничко лекување.
„Јавниот обвинител, ценејќи ги здравствените причини, фактот дека лицето доброволно се пријавило, ги предало патните исправи и индициите дека со негово спроведување во притвор не може да се гарантира личната безбедност, го измени предлогот и побара да му биде определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор од МВР“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Од Кривичниот суд Скопје појаснуваат дека судијата на претходна постапка не може да определи построга мерка од онаа што ја предлага обвинителот, поради што предлогот бил прифатен.
„На обвинетиот му е определен куќен притвор со задолжителен 24-часовен надзор, а воедно му се одземени и двете патни исправи“, информираат од Судот.
За предметот „Синџир“
Љупчо Пецов – Ѓаволот е првообвинет во предметот „Синџир“, кој се однесува на финансиски криминал и даночно затајување. Во случајот се опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 компании, за кои постои сомнение дека преку мрежа на фиктивни фактури за непостоечки услуги, го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра.
Случајот повторно се актуелизираше по апсењето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој, според Обвинителството, како адвокат на Пецов примил 50.000 евра за да посредува и влијае кај судија од Апелациониот суд Скопје за укинување на мерката притвор. Стафа е во притвор, а Апелациониот суд претходно ја одбил жалбата и гаранцијата на Пецов.