Бебето починало од незрелост на белите дробови – обдукцијата исклучи физички повреди
Обдукцијата покажала дека кај починатото новороденче немало физичка повреда на ниту еден орган, а причина за смртта е респираторна инсуфициенција како последица на респираторен дистрес синдром, односно незрелост на белите дробови, соопшти денеска Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК).
Од Клиниката информираат дека по добивањето на обдукцискиот наод, семејството било уредно повикано и лично информирано за сите детали поврзани со случајот.
Во меѓувреме, Министерството за здравство формирало стручна комисија која ќе го испитува целиот тек на лекувањето, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување дали имало евентуални пропусти во медицинската постапка.
„Согласно заклучоците, Клиниката ќе постапи по сите законски процедури за евентуално поведување дисциплинска постапка, во рамките на предвидениот рок. Како установа изразуваме длабока жалост и сочувство до семејството. Вработените на ГАК секојдневно се борат за животите на новороденчињата, но за жал понекогаш се соочуваме и со загуби кои ги доживуваме и професионално и емотивно“, се наведува во соопштението од Клиниката.
Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција, изјави дека комисијата веќе е формирана и апелираше до јавноста да се почитуваат процедурите и да не се носат избрзани заклучоци, како и да не се создава сензационализам додека не се добијат извештаите од сите надлежни институции.