Недостиг од лекари во неопходни профили

News

Има многу лекари во комерцијални, односно популарни области, додека во неопходните профили има помалку, вели министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочи дека Министерството започнало со анализа на податоците за вработените во здравството и со изработка на политики за нови вработувања. Целта е да се создадат здравствени политики засновани на точни и навремено ажурирани податоци.

„Ова не е само мој пристап како министер за здравство, туку повеќе пристап на владата. Треба да создадеме здравствен систем кој е усогласен со нашата инфраструктура. За жал, досега не било така. Ќе ги видите бројките — не сакам сега да навлегувам во детали за да не изгледа дека критикувам одредена специјализација во здравството, но ќе видите дека имаме голем број лекари во области кои се покомерцијални, а имаме помалку во профили кои се неопходни за здравствениот систем“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Во иднина, при отворање на нови работни места во здравството, Алиу рече дека сè ќе се темели на табелата која покажува за кои профили и во кои институции има потреба.

„Како министерство за здравство, ќе отвораме нови места за специјализации. Тој период ќе дојде многу брзо — можеби за еден месец или месец и половина. Ќе видите дека сите слободни места што ќе ги отвориме ќе се темелат на оваа табела. Нема да се темелат на телефонски повик од типот ‘сакам моето дете да биде тоа и тоа’, или кој било друг лекар“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Бројот на вработени во здравството е 32.383, од кои 18.536 се во јавните институции, а 13.842 во приватните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *