Машините за перење алишта денес се задолжителен апарат во секој дом, но и покрај нивната улога да ја остават облеката беспрекорно чиста, често се случува спротивното – од самата машина се шири непријатен мирис.
Причини за тоа има повеќе: влагата што останува во бубањот и на гумената заптивка по перењето создава идеални услови за развој на мувла, а остатоците од детергент и омекнувач се таложат во фиоката, цевките и внатрешните површини, создавајќи наслаги кои задржуваат нечистотии и бактерии.
Freepik
Дополнителен фактор може да биде и перење на ниски температури, кога водата не е доволно топла за да ги уништи микроорганизмите. Ако пак облеката се остави подолго време влажна во машината, тоа исто така доведува до мирис на затворено.
Вообичаен совет е повремено користење алкохолен оцет и сода бикарбона, но оваа комбинација не секогаш е доволно силна за длабинско чистење. Затоа како поефикасно решение се препорачува кристална сода (натриум карбонат).
Таа не е иста со сода бикарбона – многу е посилна и ефикасна во разградување на тврдокорни маснотии, каменец и наслаги од детергенти и омекнувачи.
Доволно е да се стави 500 грама кристална сода во празна машина и да се пушти програма на 60°C. Ако машината не е чистена подолго време, постапката може да се повтори. Потоа, доволно е да се практикува еднаш месечно за превенција.
По секое перење, препорачливо е да се избрише влагата од гумената заптивка и да се остават вратата и фиоката отворени неколку минути за проветрување. Со тоа не само што алиштата ќе бидат секогаш свежи и чисти, туку и значително ќе се продолжи векот на траење на машината.
Извор / Freepik