Што се случува со нашите деца: 9 ГОДИНИ ЦИГАРА, НА 13 АЛКОХОЛ И ТРЕВА: Алармантни податоци

News

НА 9 ГОДИНИ ЦИГАРА, НА 13 АЛКОХОЛ: Алармантни податоци – децата користат седативи, дроги и се коцкаат онлајн

Македонските ученици сè порано доаѓаат во контакт со цигари, алкохол и психоактивни супстанции, покажуваат резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје.

Според наодите, дел од децата почнуваат да пушат уште на 9-годишна возраст, а првото искуство со алкохол најчесто го имаат на 13 години или помлади. Дури 33 проценти од учениците пријавиле пијанство, додека 6,7 проценти биле интоксицирани уште во раната адолесценција.

Загрижува и растот на употребата на е-цигари – речиси 30 проценти од учениците ги пробале барем еднаш, а 12 проценти ги користеле во последниот месец. Истовремено, 10 проценти од децата признале дека користеле лекови против болки без рецепт за да се „надуваат“, додека седативи и транквилизери употребиле 11 проценти од испитаниците.

Канабис користеле 5,5 проценти од учениците, а кокаин пријавиле 1,5 проценти, почесто момчиња отколку девојчиња.

Дополнителен проблем е и коцкањето – секој четврти ученик се коцкал за пари во изминатата година, а 15 проценти учествувале во онлајн коцкање, со значително поголема застапеност кај момчињата.

Истражувањето е спроведено во 96 средни училишта, со вкупно 2.831 ученик, и уште еднаш ја отвора потребата од посилни и поефикасни превентивни програми во училиштата и семејствата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *