СДСМ обвинува дека Владата предводена од ДПМНЕ не презема никакви реални мерки за справување со аерозагадувањето, додека граѓаните на Скопје секојдневно се гушат во загаден воздух.
Од партијата велат дека пари има за, како што наведуваат, сомнителни и криминални тендери, но нема средства и политики за заштита на здравјето на граѓаните и намалување на загадувањето.
„Каде е милијардата што Мицкоски ја ветуваше за чист воздух и намалување на загадувањето за 50 проценти?“, прашуваат од СДСМ.
Според нив, не само што ветувањето не е исполнето, туку во Буџетот за 2025 година средствата за чист воздух се намалени за 51 отсто, додека буџетот за заштита на животната средина е скратен за 25 проценти.
Во исто време, тврдат од СДСМ, се зголемени средствата за јавни набавки – со 161 тендер доделен на една фирма и 9 милиони евра исплатени на друга фирма со само двајца вработени.
Од СДСМ потсетуваат дека нивниот План за чист воздух бил прв стратешки документ на една влада за борба против аерозагадувањето и дека токму во тој период започнал тренд на постепено намалување на загаденоста.
Како што наведуваат, биле преземени мерки за промена на нееколошкиот начин на греење во градинките, училиштата и јавните објекти, што довело до годишно намалување на ПМ 2.5 честичките за 564 килограми и на ПМ 10 честичките за 735 килограми, што било потврдено од сите мерни станици.
„Наместо да ги продолжи и засили овие мерки, ДПМНЕ избра криминални тендери наместо здравјето на граѓаните. Затоа денес скопјани повторно се гушат“, порачуваат од СДСМ.