„Семеен бизнис“ со дрога во Богородица: Татко одгледувал марихуана во шатор, син ја фрлал во ВЦ – откриена импровизирана лабораторија
Основно јавно обвинителство Гевгелија разоткри семејна мрежа за производство и трговија со дрога во селото Богородица. Татко и син се осомничени дека заеднички организирале нелегален „бизнис“ со марихуана, при што таткото ја одгледувал дрогата во домашни услови, а синот посредувал во нејзината продажба.
Против двајцата е поведена истражна постапка за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“.
Импровизирана лабораторија во домот на таткото
Полициската акција била спроведена на 17 декември, врз основа на судска наредба. При претресот во домот на таткото, полицијата пронашла импровизирана лабораторија за одгледување марихуана и запленила:
околу 150 грама марихуана во различни пакувања;
семки од канабис;
опрема за мерење и пакување (две дигитални ваги, метални и пластични грендери);
три бонга за консумација;
шатор со целосна опрема за одгледување, вклучувајќи електрична инсталација, специјални светилки и уреди за мерење температура.
Драма при интервенцијата: Синот се обидел да ја уништи дрогата
Според истрагата, синот ја преземал дрогата од татко му и ја носел во куќата на неговиот дедо, каде што престојувал, со цел понатамошна продажба.
Кога полицијата пристигнала и на оваа локација, осомничениот се обидел да ги прикрие трагите.
„Тој ја заклучил влезната врата за да добие време, ја фрлил наркотичната дрога во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигиталната вага на која имало остатоци од дрога“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителството бара куќен притвор
Поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија.
Се предлага определување мерка куќен притвор за двајцата осомничени, како и привремено одземање на нивните патни исправи.
Извор: 4news.mk