Инспиративната приказна на Фунда Алицов од Конче – девојка од рурална средина која го менува светот: Единствен офтометрист во оваа општина и Млад Европски Амбасадор

Инспиративната приказна на Фунда Алицов од Конче – девојка од рурална средина која го менува светот: Единствен офтометрист во оваа општина и Млад Европски Амбасадор

news
Advertisement

Инспиративната приказна на Фунда Алицов од Конче - девојка од рурална средина која го менува светот: Единствен офтометрист во оваа општина и Млад Европски Амбасадор

Advertisement

Фунда (Реџеп) Алицов – амбициозната млада девојка од најмалата општина во земјава, Конче, која гордо чекори по патот што самата го трасира. Родена и израсната во рурална средина, таа со насмевка ги прифаќа сите животни предизвици и со леснотија ги руши предрасудите. Иако живее на село, Фунда не гледа ограничувања – напротив, селото ѝ е инспирација, традицијата ѝ е водилка, а амбицијата – нејзината сила. Таа е на пат да стане првиот офтометрист во својата општина, вешто управува со трактор – како што вели, дел од секојдневието во Конче, пишува поезија и ја носи титулата млад Европски Амбасадор. Горда на своето турско потекло, уште погорда на своето семејство, Фунда ја раскажува приказната за тоа како е можно – и убаво – да се живее помеѓу традицијата и модерниот свет.

Фото: Лејла Куртов

Иако потекнува од рурална средина, за Фунда Алицов патот од малото село Конче до академските клупи во Штип никогаш не бил пречка – напротив, го доживува како личен предизвик и можност за раст. Уште од најмали нозе, образованието било нејзин приоритет, а преминот од селското училиште до градската гимназија, па сè до факултетските предавални, го поминала со истата страст и решителност. Иако не секогаш било лесно, особено кога двапати дневно патувала до Радовиш, Фунда покажува дека ниту оддалеченоста, ниту предрасудите не можат да ја спречат младата личност што знае што сака и верува во себе.

– Образовниот пат беше и сè уште е полн со предизвици. Редовно се соочував со предрасуди, но постигнав препознатливи резултати. Навистина не ми беше лесно да ги поминам едукативните скалила бидејќи потекнувам од рурална средина и сум Македонка со турска националност. Но, со задоволство би го сторила истото бидејќи она што сум денес е мој избор и се гордеам со тоа. Најчесто родителите во руралните средини ја немале можноста да завршат образование од прв, втор или трет степен бидејќи работеле цел живот со земја или стока, но затоа пак ги поддржуваат своите деца да бидат образовани и да имаат успешни кариери. Понекогаш луѓето не се информирани дека во селата има училишта кои се до петто одделение. Потоа учениците треба да се префрлат во општинското училиште или во некое од училиштата во најблискиот град за да завршат деветто одделение. За жал поради миграцијата од село во град, во руралните средини во Македонија се помалку има деца, па така се случува во иста училница наставата да ја следат и деца од прво, од второ и од трето одделение. Од пред неколку години во нашето село се отвори и детска градинка што е навистина од голема помош за родителите кои се занимаваат со земјоделие или сточарство.

Јас ја имав таа среќа бидејќи во моето село Конче има централно општинско основно училиште „Гоце Делчев“ каде завршив деветолетка. Програмата во училиштето се одвива и на турски и на македонски јазик. Секогаш со радост се сеќавам на школските денови бидејќи сите во селото се знаеме и почитуваме, растеме и живееме како едно големо семејство (без разлика на националноста или пак верата). Уште од училишните дни ја развив својата љубов кон изучување на англискиот јазик и пишувањето поезија. Едукативната промена од село во град јас ја прифатив како предизвик завршувајќи средно училиште „Коста Сусинов“ насока гимназија во Радовиш. Се случуваше двапати во денот да треба да патувам од Конче за Радовиш и назад, од сабајле за на училиште, а попладне за да завршам неколку курсеви. Додека моите соученици одеа на кафе во слободното време јас бев член на Црвениот крст, на Младинскиот клуб, на здружението Круна Плус и т.н. завршувајќи обуки и вештини кои ми помогнаа понатаму во едукативниот процес. Сега сум при крај на студиите по оптометрија и очна оптика на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Желбата да им помага на луѓето и да го направи светот појасен – буквално и симболично – ја водела оваа млада девојка кон изборот на офтометријата како своја животна професија. Љубопитството кон медицината го покажувала уште од најрана возраст, со радост следејќи ги посетите кај докторите и ветеринарите. Но она што направило разликата било длабокото разбирање, вдомено од нејзините родители – дека светот станува подобро место кога гледаме со отворени очи и со срце, без разлики по основа на нација, вера или пол. Таа визија – буквално и фигуративно – ја инспирирала да го избере патот на офтометрист, особено сведочејќи ги секојдневните предизвици со кои се соочуваат жителите од руралната средина кога станува збор за здравјето на видот.

– Уште од мали нозе ја сакав медицината. На докторски контроли одев со љубопитство, а со радост ги чекав и посетите од ветеринарот. Моите родители ме научија дека убавината е насекаде околу нас и во нас и дека ако со очите гледаме добро во себе и кај секого, нема да има никакви разлики меѓу луѓето, ниту национални, ниту верски, ниту родови, ниту пак политички. Од тука и мојата желба ако можам некако да помогнам на луѓето да гледаат подобро и поубаво, се разбира здравствено пред сè. Растејќи на село секојдневно гледав со какви маки се соочуваат селаните и дека видот и неговото лекување се една од главните проблематики.

Додека многу млади луѓе по завршувањето на студиите го бараат својот пат далеку од дома, Фунда е дел од ретките што со срце и убедување одлучуваат да се вратат и останат таму каде што започнале – во своето родно Конче. Иако имала понуди за усовршување и кариера надвор од границите на државата, за неа домот не е само локација, туку чувство на припадност, мир и автентична слобода. Животот на село ѝ нуди сè што ѝ е потребно.

– Во текот на моето студирање добив можности за доусовршување и работен ангажман надвор од границите на нашата прекрасна Македонија. Но, тука ми се домот и семејството. Не верувам дека слободата кога си свој на своето и опкружен со најблиските може лесно да се замени. Тука дишам слободно, природата ми е во дворот, гледам што јадам и пијам бидејќи храната се произведува тука во селото.

Со завршувањето на студиите, ќе стане првиот офтометрист во општина Конче – улога што не ја доживува само како професија, туку како мисија. Нејзината цел е јасна: да им понуди квалитетна грижа за видот на своите соселани, да ги препознае и третира честите проблеми со видот, но и да биде пример дека младите од рурална средина можат да се едуцираат, да се вратат дома и да направат значајна разлика.

– Пред сè со визуелен преглед и третман на состојби како што се кратковидост, далекувидост, презбиопија и стигматизам. Потоа и со препишување на диоптриски очила и контактни леќи. Бидејќи сакам да запишам специјалистички студии за контактни леќи (контактологија) се надевам дека ќе бидам успешна во својата работа и дека од големо значење за оваа Општина ќе биде ако има барем еден офтометрист кој потекнува од ова поднебје, кој ги познава своите жители и нивните проблеми и одлучил да остане тука со нив работејќи на подобрување и лекување на нивниот вид. Се надевам дека ќе бидам добар пример и за следните генерации во нашето село и општината Конче се со цел да имаме повеќе доктори, учители, инженери кои ќе останат тука и ќе направат многу за своите соселани…

Зад секоја успешна млада личност стои стабилна основа, а за Фунда таа основа се нејзините родители. Нивната љубов, труд и посветеност оставиле длабоки корени во нејзината личност и визија за животот. Од нив ги научила најважните лекции – како да ја сака земјата, да ги почитува луѓето без разлика на различностите, и да го вреднува секојдневниот труд. За Фунда, домот бил првото и најважно училиште, а родителите – нејзините најголеми учители и животни водичи.

– Јас навистина си го сакам моето родно место и сум горда на своите корени. Чинам дека најдоброто школо го добив од дома, од моите најблиски. Го ценам премногу трудот на моите родители кои не научија и мене и мојот брат Абдуллах да си ја сакаме земјата, да ги почитуваме сите луѓе, како да помогнеме некому, да знаеме сами како да одгледаме храна (бидејќи млекото доаѓа од кравата, а не од продавница) – (се смее).

Горда на своите корени и воспитана во духот на традиционалните вредности, верува дека токму трудот на нива и грижата за стоката се темелите врз кои се гради еден здрав и чесен човек. Потекнува од семејство кое со генерации се занимава со земјоделство, а од својот татко го научила најважното – дека нема срам од работа. За Фунда, животот на село не е само избор, туку начин на живот што треба да се почитува и вреднува.

– Да си чесен, вреден, работлив научив од татко ми Ерџан. Да не се срамиш од работа на поле и со стока бидејќи оттука почнува се. Ако нема кој да ја обработува земјата ќе нема храна. Земјоделците и сточарите се многу битни за секоја држава, но за жал кај нас се спомнуваат само за време на избори. Ако самите ние не сме свесни од колкава важност се селата да живеат, тогаш ќе изгубиме многу.

И покрај обврските околу студиите и професионалниот развој, никогаш не се оддалечила од корените и секојдневието на селскиот живот. Секоја можност кога се враќа во родното Конче ја користи за активно да се вклучи во домашните и земјоделските работи – со истата посветеност како што учи или работи.

– Секоја слободна прилика кога сум во Конче ја користам да одам со моите и кај родителите од сопругот да берам бостан, домат (френки), пипер (чушки), да садам, берам и нижам тутун или да ги нахранам домашните животни (крави, кокошки, кучиња и мачки). Знам да појдам и до моите вујко, баба и дедо кои живеат во непосредна наша близина и чуваат повеќе од 200 кози и освен најздравото козјо млеко го прават и најдоброто козјо сирење. Па така и јас научив како од млеко да направам сирење, кашкавал, урда …

Иако живее во мултикултурна средина, со гордост ги негува традициите и обичаите на својот турски народ. За неа, културното наследство не е само дел од минатото, туку жив дел од секојдневието и семејниот живот.

– Еве ќе споделам дел од свадбените обичаи кои ние ги испочитувавме: од подготовка на шербет пијалак (за веридба), цртање на рацете со кна, до кршење на стомна за време на свадбениот танц, носење на традиционална облека извезена со срма, дарување и украсување итн.

Во домот на Фунда, мирисот на традицијата секогаш доаѓа од кујната – благодарение на нејзината мајка Султан, жена која не само што е столбот на семејството, туку и вистински мајстор за традиционални јадења. Со љубов и посветеност, таа ги пренела тајните на турската и македонската кујна на својата ќерка, која денес со гордост ги подготвува истите вкусови што ја потсетуваат на домот.

– Мајка ми Султан е една прекрасна жена полна со мудрости и животни искуства. Таа се грижи за сите нас на имотот (и луѓето и животните). Таа е најмногу заслужна за љубовта која ми ја пренесе кон готвењето на храна. Благодарение на неа станав вешта жена во правење на какви ти не слатки и солени специјалитети како од турската така и од македонската кујна. Од слатките работи обожувам да правам: калбурабасти (урмашици), ашуре (кој кај муслиманите се прави во одреден период од годината наречен Месец на Ашуре и содржи разни јатки, суво овошје и неколку видови варени житни зрна), баклава, шеќерпаре, раванија, тулумба, хошмерим (алва со сирење) … додека од солените јадења знам често да направам карнијарик (модар патлиџан полнет со мелено месо), мантии (слични на кнедли полнети со месо), јапрак сарма (сарма со лозов лист), ичли ќофте (полнето ќофте од булгур и месо), ќисир (салата од булгур), су и кол бурек (варен бурек и бурек со мелено месо, кромид и зачини). Овие специјалитети може да ги погледнете и во емисијата на познатиот Шеф Марк кој минатата година беше гостин во нашето село благодарение на продукцијата Златен Заб кои постојано прават прекрасни проекти за нашето Конче.

Во нејзиниот живот, поддршката од сопругот Ердал е незаменлива. Заедно од детство, тие ја градат својата приказна со љубов и партнерство. Ердал не е само нејзина љубов, туку и најсилна поддршка во нејзините образовни и професионални стремежи.

– Со мојот сопруг Ердал се познаваме од деца и живееме во исто маало. Тој освен што професионално работи како техничка поддршка, тој е моја најголема поддршка на секое поле. Благодарение на неговиот работен ангажман (работи онлајн за една странска компанија) имаме можност заедно да живееме во Штип за време на моите студии. Тој и ме поттикна да продолжам понатаму со специјализација. Ме радува што заедно сакаме да патуваме, да уживаме во природните убавини во Македонија и во Турција.

Титулата „Young European Ambassador“ за Фунда Алицов претставува голема чест и потврда за нејзиниот труд и посветеност како младински лидер од рурална средина. Како првата Македонка со корени од Конче што ја добила оваа титула, Фунда ги користи своите искуства и стекнатите вештини за да ја промовира културната разноликост, да поттикнува разбирање меѓу различните заедници и да работи на важни проекти за заштита на животната средина и младинско учество.

– За мене е од големо значење оваа титула бидејќи сум првиот млад Европски Амбасадор со корени од Конче. Активностите кои ги имав преку разните тренинзи, обуки и проекти како и завршената едукацијата ми овозможија прво да бидам кандидирана, а потоа и избрана за младински Амбасадор, а од 2021 година се до 2025 година станав и млад Европски Амбасадор. Од проекти кои досега ги реализиравме се: културни разлики и сличности во Турција и во Македонија, разлики помеѓу христијаните и муслиманите, поддршка за развивање и вреднување на различностите, социо-емоционални вештини за решавање конфликти во образованието во раното детство, како да бидеме подобри младински амбасадори, креирање на проекти, спречување и намалување на последиците од катастрофи, заштита на животната средина и др. За време на мојот мандат успеав да се запознаам со Амбасадори од многу земји од светот и сите тие обожуваат да одат и посетат некое рурално место во Македонија, да дознаат некој обичај од селаните или пак да пробаат нешто кое никогаш во своите земји не го вкусиле.

Фунда Алицов е пример како со правилна организација и љубов кон она што се работи може да се постигне хармонија помеѓу образованието, семејните обврски и личните страсти. Покрај студиите, таа активно учествува во бројни семинари и обуки организирани од престижни домашни и меѓународни организации, каде ги проширува своите знаења и вештини во различни области.

– Паралелно додека студирав имав можност да завршам и некои проекти организирани од домашни и странски организации и центри како Youth Council, USAID, UNSHM, Macedonian Civic Educational Center, Salzburger Festspiele, American Embassy, British Embassy, European Union, Erasmus+, OSCE, CHRCR, UNICEF, ACCESS и сл. Па така освен што го усовршував англискиот јазик, се едуцирав многу повеќе на разни теми од социјалата, образованието, културата, екологијата, дипломатијата и сл. Рамнотежата помеѓу школувањето, проектите и семејството ја креирам преку стихови и со слика. Навистина сакам да пишувам многу. Моите размислувања и емоции најчесто ги преточувам во поезија. Досега имам собрано доволно материјал (околу 200 песни напишани на Македонски, Турски и Англиски јазик) за една поетска книга која се надевам дека наскоро ќе ја објавам. Кога можам учествувам и на поетски конкурси како во земјава така и надвор од неа. Бидејќи растев во природна средина со многу убави пејзажи многу често сакам истото да го доловам со фотографија или кратко видео со цел и другите да ги видат природните убавини од овој крај. Па така често на мојот Инстаграм ќе видите какви ти не полски цвеќиња, најразлични пеперутки, природни временски појави, домашни животни и храна. Инспирирана сум буквално од се: од прекрасните изгрејсонца, дождот, облаците па се до колачите направени по рецепти од мајка ми и баба ми и со некоја моја уметничка декорација. Уживам да посветам и време на уредување на нашиот дом, па така со радост го креирам нашиот заеднички простор.

Фунда успешно гради мост помеѓу традиционалното и модерното, комбинирајќи ги најдобрите аспекти од двата света.

– Додека престојуваме во град се обидуваме со сопругот да одиме на концерти, во театар, на балетски претстави, во кино и да посетиме други културни настани. Додека кога сме во нашето Конче уживаме во прошетки на езерото Мантово, планината Пожар, паркот Едерлези или на другите излетнички места каде природата со сета своја раскош те мами да останеш подолго од планираното.

Додека за некои животот на село и работата на нива стануваат модерен тренд и бегство од урбаното секојдневие, за Фунда тоа отсекогаш била реалност – искрена, предизвикувачка и исполнета со вредни животни лекции.

– Селото има посебна магија особено во летниот период, природата таму е навистина волшебна. Златно-жолти полиња со тутун и пченица, ниви со зеленчук, овоштарници и лозја, природни извори со вода, звуците на животни прават да заборавите на проблемите и обврските во даден момент. Ги ценам и сум горда на своите корени, потекло, род бидејќи тие се основата за се она што подоцна станав. Верував во себе и секој чекор што го правам по свој избор ме донесе поблиску до остварување на мојата замисла, сон, желба. Не е лесен секој пат што го одите но, многу е полесен кога знаете дека вашите родители, семејството, пријателите, соседите, па дури и средината во која живеете ви се од огромна поддршка. Работев на себе и учев за себе, за да можам потоа со мојот труд и знаење да помогнам некому.

Во време кога многумина сè уште ја гледаат техниката и земјоделските машини како „машка територија“, Фунда ја руши таа стигма – и тоа уште од мали нозе. Растена во село каде тракторот е секојдневие, таа станала една од ретките жени кои не само што знаат да управуваат со него, туку тоа го прават со гордост.

– На село се вози трактор од мали нозе. Нашето село порано беше познато како село каде речиси секое семејство имаше трактор па дури и два, потоа премина во село со многу џипови, па крос мотоцикли, а сега благодарение на младите генерации чинам е село со многу електрични тротинети. (се смее)

Кај нас е многу нормално жена да видите зад волан, особено да вози трактор бидејќи сите членови од семејството помагаат во работата на нива. Мене многу ме храбреа дедо ми Мехмед Али и татко ми, затоа и брзо научив. Комплицирано беше но секако со добра волја се може да се совлада. Но, поради потребите и обврските кои ги имам со чести патувања од село кон град тракторот во прво време го заменив со електрична Веспа, а потоа и со автомобил.

Со љубов длабоко вкоренета во родниот крај, Фунда Алицов сонува за рурална иднина исполнета со младост, живот и напредок. Гледајќи наназад кон некогашното живо и полно село Конче, таа не жали, туку цврсто верува дека со вистинска поддршка и свест, селата повторно можат да бидат места каде младите ќе сакаат да останат и создаваат.

– Би сакала да спомнам дека нашето село Конче во минатото имало многу повеќе отколку што има сега. Било село со неколку воденици, полициска станица, продавници за храна, алат, гардероба, пекара, млекара, ресторани, спортски клубови, ансамбл со игроорна и музичка група, имало корзо, трки со коњи …

Посакувам младите да се гордеат на своите корени. А селата повторно да заживеат и бидат богати со млади луѓе кои нема да заборават дека на село никогаш не се сами, тука воздухот и храната се поздрави, физички се постојано активни (што е добро за здравјето и линијата), паркирањето не е никаков проблем и може да се видат сите ѕвезди на небото навечер, па дури и сателитите на Елон Маск.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива

Advertisement