Судир Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ: Трајко Славески не размислува за оставка

news
Advertisement

На прашање на „360 степени“ во какви односи е со градоначалничката Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, вели дека „комуникацијата е службена“

Advertisement

„Досега немало случај да ме повика и консултира и да разговараме за некои прашања. Доаѓа на состаноците на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ние ја каниме и тоа е нормална процедура, како што комуницира и со советничките групи на другите советнички групи во Град Скопје“, вели Славески по очигледното разидување со градоначалничката Арсовска која на изборите настапи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во изјава за „360 степени“ вели дека не размислува да си поднесе оставка од функцијата, а во контекст на актуелните разрешувања и поднесени оставки на функционери и директори на јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје, кои се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сè поочигледното заладување на односите меѓу партијата и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со ВМРО-ДПМНЕ.

„Тамам работа. Не сум во таква ситуација“,

вели Славески додавајќи дека тој е избран на избори и градоначалничката не може да го разреши бидејќи за тоа си има процедура во рамките на Советот на Град Скопје.
На наше прашање во какви односи е со градоначалничката Арсовска, Славески вели дека комуникацијата е службена.

„Досега немало случај да ме повика и консултира и да разговараме за некои прашања. Доаѓа на состаноците на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ние ја каниме и тоа е нормална процедура, како што комуницира и со советничките групи на останатите советнички групи во Град Скопје. Јас уште во време на кампањата на локалните избори како носител на листа истакнував дека, нормално, во очекување дека ќе ги добиеме изборите, ќе бидеме поддршка и контролор на работата на градоначалникот. Како и тоа дека мнозинството ќе го формираме по принцип на прашања, а не според партиска и идеолошка припадност“,

ни изјави Славески.

Во однос на разрешувањата на директори на јавни претпријатија, тој вели дека некои потези се прават пренагло и не соодветствуваат на однесувањето на еден менаџер.

„Не можам да си простам зашто не реагирав кога беше разрешен директорот на Комунална хигиена летово по инцидентот. И јас имам семејство, роднини, пријатели и не можам да бидам одговорен за однесувањето на секој од нив поединечно. Мислам дека некои потези се прават пренагло и не соодветствуваат на еден менаџер“,

посочува Славески.
Инаку, поранешниот директор на ЈП „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, кадар на Алијанса за Албанците, беше разрешен од градоначалничката Арсовска на почетокот на јули годинава откако беше утврдено дека неговиот брат пукал од пиштол кај плоштадот „Скендербег“ додека на булеварот поминуваа демонстрантите од иницијативата „Ултиматум – не благодарам“, кои протестираа против т.н. француски предлог за тргање на ветото од Бугарија за почеток на преговорите со Европската Унија.

Вчера и денеска има наплив на разрешувања од градоначалничката Арсовска на директори на јавни претпријатија кои доаѓаат од редовите ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера едно по едно стигнаа соопштенијата дека генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, двајцата кадри од ВМРО-ДПМНЕ, се разрешени од градоначалничката Арсовска, а во исто време стигнаа и соопштенија од опозициската партија партија дека тие си поднеле оставки.

Перински и Арсовска дури и лично се соочија на прес-конференција што ја свика ексдиректорот на „Водовод и канализација“, а на која влета скопската градоначалничка.

Денеска градските јавни претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“ останаа без директори откако досегашните Бојан Христовски и Јане Мицевски поднесоа неотповикливи оставки.

Христовски и Мицевски на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.

Таа, пак, на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, денеска ѝ порача на градоначалничката дека наместо неосновани пресметки и упади на прес-конференции треба да почне со реализација на проекти и со решавање на потребите на скопјани.

Дали ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе го има мнозинството во Советот на Град Скопје, партискиот лидер Христијан Мицкоски вчера рече дека тие имаат свој претседател на Советот, но дека тоа е флуидна работа и дека „денеска имате – утре немате“. Тој рече и дека жали што градоначалничката не успеала да ги искористи капацитетите на Златко Перински кого Арсовска го разреши од директор на „Водовод и канализација“ тврдејќи дека имало обиди за влијание во тендер за пречистителна станица

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.