Претседателот на СДСМ предупреди дека по тешката година за граѓаните, следната ќе биде уште потешка, со сериозна економска криза и раст на сиромаштијата.
„Оваа година беше тешка, но 2026 ќе биде уште потешка. Не очекува сериозна криза и пораст на сиромаштијата“, беше истакнато на брифинг со новинарите.
Според изнесените проценки, државата следната година ќе се задолжи со најмалку дополнителни две милијарди евра, средства кои ќе се користат за тековни трошоци, а не за капитални инвестиции.
Беше нагласено дека во буџетот за 2026 година се намалени средствата за капитални инвестиции, а дека постојат сериозни проблеми во собирањето приходи. Се очекува недостиг од околу 600 милиони евра, а со обврските кон стопанството и повратот на ДДВ, вкупниот недостиг може да достигне и една милијарда евра.
Дополнително, беше предупредено дека инфлацијата тешко ќе се стави под контрола, а со најавените поскапувања на струјата ќе растат и цените на основните производи. И покрај проектираниот раст на БДП, граѓаните ќе трошат повеќе пари за исто или помалку.
Посочено е и дека странските инвестиции стагнираат, а реализацијата на капиталните инвестиции паднала под 50 проценти, без јасни проекти што би го зголемиле растот и продуктивноста.
Во политичкиот дел, беа изнесени обвинувања дека постои организиран обид за внатрешно уривање на опозицијата, токму во момент кога се отвораат прашања за корупција и криминал. Беше посочено и на, како што беше речено, загрижувачко пресликување на модели на владеење од регионот, што може да ја оддалечи земјата од европскиот пат.