Пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, денеска од собраниската говорница со иронична порака „Среќна Нова 1949!“ побара од дневен ред да се симне резолуцијата на владејачката коалиција за осуда на, како што е наведено, „манипулациите на опозицијата“ и за потврда на политиките против нелегалната миграција. Тој побара да се тргне и точката за продолжување на рокот на кризната состојба на дел од територијата на државата поради ризик од зголемен влез и транзит на мигранти.
Џафери реагираше на формулациите во резолуцијата, оценувајќи дека со нив власта практично става „етикета“ дека опозицијата лаже и манипулира, што според него личи на цензура. Тој му се обрати на собранискиот спикер Африм Гаши со забелешка дека ваков пристап ја гуши политичката дебата.
Дополнително, Џафери посочи дека во резолуцијата стои дека нема да се дозволи воспоставување мигрантски кампови или трајни форми на згрижување мигранти, па праша зошто тогаш е потребно продолжување на кризната состојба – особено ако договорот со Фронтекс е потпишан и ако, како што рече, оваа тема се влече со години.
На владината резолуција реагираа и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ), кои предупредија дека дел од формулациите се премногу општи и недоволно прецизни и можат да бидат ризични за слободата на медиумите и правото на информирање.
Тие изразија загриженост што резолуцијата прави врска меѓу „дезинформации“, „ширење паника“ и примена на одредби од закони без јасно разграничување меѓу политички ставови, јавно мислење и професионално новинарско известување. ЗНМ и ССНМ потсетија дека постојат механизми за саморегулација (како Советот за етика во медиумите) и апелираа институциите внимателно да ги формулираат актите за да не се создаде впечаток на притисок или цензура.