Бесими: Геополитика, енергетика и економија- очекувања и можни сценарија за оваа зима?

news
Advertisement

Економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можноста за запирање на испораката на гас од Русија, растот на цената на електричната енергија и затегнувањето на условите за финансирање. Секоја финансиска институција која се занимава со прогнозирање, во своите извештаи ја наведува условеноста на економските проекции од развојот на ситуацијата во Украина, односно времетраењето на конфликтот и санкциите кон и од Русија. Секако, тука е и задршката во однос на новите бранови или соеви на ковид-19, што се уште е закана. Инвеститорите се поделени – едни сметаат дека кризата го достигнала пикот и најлошото е зад нас, додека други сегашното зеленило на берзите го сфаќаат како осцилацилација пред „мечкин пазар“.

Advertisement

Бидејќи неизвесноста е единствената извесност која постои, и да знаеш како да живееш во несигурност е единствената сигурност (според познатиот американски автор и универзитетски професор од областа на математиката, Џон Ален Паулос), оваа колумна ја посветувам на согледување на тековните состојби и претпоставките за иднината, кои на читателот ќе му дадат поширока слика за случувањата, но и воедно ќе му помогнат да извлече корисни заклучоци за тоа кои се расположивите можности и стратегии. Во продолжение е еден преглед на состојбите и очекувањата за европската економија, движењата на пазарите, препораките и мерките од страна на меѓународните финансиски институции и активностите од наша страна. Понатаму, тука се и системските промени кои ќе не направат поотпорни за некои нови предизвици во иднина.

Очекувања за европската економија – можна контракција во второто полугодие, но позитивен БДП во 2022

Да почнеме од Европа. Ќе дадам една аналогија, според добропознатата изрека на Мeтерних – „кога Франција ќе кивне, Европа ја фаќа настинка“. Имено, нашата економија, како мала и исклучително отворена економија со изложеност од 140% од БДП и со околу 80% од извозот насочен кон ЕУ и 50% кон Германија, сосема е логично дека случувањата во ЕУ и Германија не засегаат. Тие во голема мера се одразуваат на економските движења кај нас.

Инфлацијата во ЕУ продолжи да расте и во јули и тоа во најголема мера како резултат на растот на цените кај енергијата. Согласно податоците на Еуростат, таа достигна 9,8% во ЕУ, додека 8,9% во еврозоната, или на највисоко ниво од нејзиното формирање. Естонија, Латвија и Литванија забележаа стапки на инфлација од над 20%, додека 16 од 27 земји-членки имаат двоцифрена инфлација. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд од јули за економски раст во еврозоната во 2022 и 2023 година, се повторно корегирани надолу, вклучително и за поголемите европски економии – Германија, Франција и Италија. Да нагласиме сепак дека се очекува раст на БДП и во 2022 и во 2023, само значително забавен во однос на претходните очекувања. Имено, според Прегледот на ММФ од јули, растот во еврозоната се очекува во 2022 година да биде 2,6% во 2022 година и 1,2% во 2023 година, што е за 0,2 и 1,1 проценти поени, соодветно, пониско во однос на априлските проекции. Растот на германската економија е проектиран на 1,2% и 0,8% во 2022 и 2023 година соодветно, што е повторно надолна корекција во однос на априлските проекции на Фондот за 0,9, односно 1,9.

Врз основа на Индексот за деловна активност (PMI – Purchasing Managers Index), или економски индикатор за трендовите во производството и услужната дејност, еврозоната во август контрахира. Додека светските ценовни притисоци се намалија во изминатите неколку месеци како резултат на разрешувањето на проблемите во синџирите на добавување, заканите кои доаѓаат од растечката цена на природниот гас во Европа, како и високите притисоци кај домашните цени, ја одржуваат инфлацијата висока.

И претходно очекувањата за европската економија беа дека се можни негативни квартални резултати во текот на 2022 година. Сепак, дека развојот на ситуацијата е на полошо, се огледа преку растот на европските цени на гасот од крајот на јули за 50%. Постојаниот раст на цените на гасот и можноста тие да останат и понатаму високи, укажува на тоа дека еврозоната веројатно ќе претрпи поголема контракција отколку што првично се очекуваше (иако технички може да се зборува за рецесија, односно за негативен квартален раст на БДП, две тримесечја по ред – како што дадовме објаснување и погоре, очекувањата за годишниот раст се сеуште позитивни). Проценките се дека цената на гасот ќе влијае инфлацијата во еврозоната следните месеци да се задржи околу 10%. Понатаму, високите цени на гасот ќе ги зголемат трошоците на компаниите, кои, пак, ќе продолжат да ги пренесуваат тие трошоци на цените на своите производи, така влијаејќи и на базната инфлација. Истовремено, растот на цената на гасот влијаеше на падот на еврото во однос на доларот, зголемувајќи ги цените на увозот. Во меѓувреме, домашно произведените ценовни притисоци се исто така високи. Сето ова ќе повлијае на раст на базната инфлација во еврозоната за која се очекува да достигне околу 5% следните месеци, а потоа да застане на 4,5% во 2023 година.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.