Бујар Османи во Струга ги седна на иста маса младите активистки од Косово и Србија

news
Advertisement

Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се обрати на Академијата за дијалог за млади жени организирана од Мисиите на ОБСЕ во Косово и во Србија што се одржува во Струга.

Advertisement

Како што соопшти МНР, во Струга, 12 млади жени од Косово заедно со 12 млади жени од Србија, под покровителство на ОБСЕ, учествуваат на десетдневната Академија за дијалог што претставува уникатен модел на ОБСЕ за градење на доверба што резултираше со поврзување не само на младите жени од двете земји, туку и на мажи.

Во рамки на Академијата, Османи на сесијата Дијалог и медијација имаше и дискусија со учесничките, при што се осврна на искуството на Северна Македонија во решавањето на конфликтите преку дијалог и медијација, како и капацитетите и алатките што ОБСЕ може да ги понуди како уникатна платформа за дијалог.

-Охридскиот рамковен договор од 2001 година стави крај на краткиот конфликт иницирајќи траен период на стабилност и просперитет преку интеграција, индивидуална и колективна. Со договорот од Преспа беше ставен крај на повеќедеценискиот спор околу името, но и се воспостави стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. За да се видат резултатите од овие договори потребна е постојана работа, посветеност и понатамошен дијалог, истакна Османи.

Тој пред учесничките го сподели и искуството на Северна Македонија во медијацијата на случајот што директно ги засега учесничките, а тоа е Охридскиот договор од 2023 година за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Османи истакна дека во процесите на преговарање и дијалог мора да бидат вклучени и жени кои ваквите искуства, како што е ОБСЕ Академијата за дијалог, можат да ги искористат за да внесат нов и конструктивен пристап при справувањето со предизвици искористувајќи ги нивните мрежите за соработка и искуството што го имаат.

Приближувањето на младите од Косово и Србија е едно од главните приоритети на ОБСЕ во двете земји. Академијата за дијалог за млади жени е само една од формите преку која, Мисијата на ОБСЕ во Косово и Мисијата на ОБСЕ во Србија, ги зближуваат младите, менувајќи го наративот во контекст на дијалогот Приштина-Белград, стои во соопштението на МНР.

Оттаму додаваат дека „ајакнување на жените и нивно еднакво вклучување во процесите на одлучување, како и учество во безбедносниот сектор, се клучни приоритети во програмата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година“.

ОБСЕ Академијата за дијалог за млади жени е основана во 2015 година со цел вмрежување на млади жени од Косово и од Србија и нивна соработка за намалување на предизвиците меѓу двете општества, промовирање на дијалог и градење мир. Мрежата на Академијата брои повеќе од 180 членови и редовно организира настани кои промовираат дијалог помеѓу младите од Косово и Србија, солидарност и доверба, се додава во соопштението на МНР.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.