Вевчанци на карневалот го чекаат Здравко Чолиќ

news
Advertisement

Интересно е што е најавено и можно присуство на големата балканска ѕвезда Здравко Чолиќ на Вевчанскиот карневал, но, како што велат организаторите, фокусот е на македонската музика и на македонските изведувачи на рок, поп и на народна музика. Присутните ќе имаат можност да уживаат во театарот на отворено со маските, кои се „коректор на случувањата од минатата година“, но и да ги слушнат Сашко Гигов-Гиш и пријателите, Венко Серафимовски и „Прпл цепелин“, реге-бендот „Брука“, „ДНК“, „Ласт експедишн“, „Студени нозе“, како и „Баклава“, „Банда Ентопика“, „Некст тајм“…

Advertisement

Љубителите на добрата забава, традицијата и на македонските обичаи имаат можност да бидат дел од уште едно издание на Вевчанскиот карневал, кој ќе се одржува на 13 и 14 јануари. Покрај традиционалните маски, кои се заштитен знак на овој театар на отворено, присутните и годинава ќе уживаат во настапот на познати имиња од македонската музичка сцена, но и пошироко.

Иако овој пат карневалот, кој има традиција од 1.500 години, не е финансиран од државата, сепак, вевчанци се подготвени да ги пречекаат гостите и со маски и со добра музика. Интересно е што е најавено и можно присуство на големата балканска ѕвезда Здравко Чолиќ, но, како што велат организаторите, фокусот е на македонската музика и на македонските изведувачи на рок, поп и на народна музика.

„Музичката програма почнува вечерта на 12 јануари, кога пред присутните треба да настапат рок и поп- бендовите: ‘ГИГ ОФФ’ (Сашко Гигов-Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и ‘Прпл цепелин’, реге-бендот ‘Брука’, ‘ДНК’, ‘Ласт експедишн’, Фиц и ‘Студени нозе’. На 13 јануари вечерта, пак, присутните ќе уживаат во народната музика, а на сцената во центарот на Вевчани ќе настапат ‘Баклава’, ‘Банда Ентопика’ од егејскиот дел на Грција (популарен бенд што изведува македонска и грчка народна музика со призвук на џез), Нино Величковски и ‘Кумановските тамбураши’, ‘Некст тајм’ и Перо Бели“, велат организаторите, кои на прес-конференцијата посочија дека сè уште не е потврдено учеството на Здравко Чолиќ. “Вевчани е магија. Не се работи за пари, бидејќи карневалот нема цена. Луѓето сакаат да дојдат и да го поддржат фестивалот. Сакаат да бидат дел од таа приказна“, додаваат организаторите.

Инаку, Вевчанскиот карневал, кој се одржува во чест на Свети Василиј, односно православната Нова година, а од 2008 е збогатен и со културна манифестација, започнува на 13 јануари со василичарско дефиле, кое ќе се движи од влезот во Вевчани кон центарот, каде што ќе се игра оро. Традиционалните вевчански маски Зетот и Невестата, Глупи Август, Ѓаволите, но и сите други маски, пред присутните ќе покажат што не чинело во изминатата година во државата. По василичарското дефиле, Зетот и Невестата од Горна и Долна Маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата година, а домаќините ги даруваат. Ноќта на 13 јануари се оди на вода на Вевчанските Извори. Карневалот продолжува во раните утрински часови на 14 јануари. Василичарите организирано ќе ја посетат секоја вевчанска куќа во која има човек што се вика Васил. Манифестацијата продолжува во центарот на Вевчани со василичарското оро, за карневалот да заврши во пладневните часови со палење маски, за злото да не се повтори и во новата година.

„Вевчанскиот карневал по многу нешта е специфичен. Тоа е желба за забава и дружење и ги има задржано изворните карактеристики уште од почетокот на одржувањето. Карневалот е медиум што ѝ пренесува на власта дека нешто не чини и истовремено е нејзин коректор. Во Вевчанскиот карневал има многу хумор и сатира. Паметна власт на карневалот може да ја види целата негативност што ја правела во текот на годината и ќе може да се коригира. Некому може му изгледа дека има многу политика, но тоа не е така, туку е корекција на власта“, порача градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.

Тој, исто така, додаде дека на карневалот нема ниту верска ниту национална омраза.

„Ако видите грубост или вулгарност, пораката е: Не бидете груби и вулгарни! Вевчанските маски покажуваат какви не треба да бидат луѓето. Сè што е негативно во секој сегмент во општеството, ќе го видите низ тие маски на Вевчанскиот карневал“, додаде Кочовски. (Д.Т.)

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.