(Видео) Нова снимка: Обезбедувањето на Битиќи турка новинар, вицепремиерот не сака ни да го сослуша објаснувањето

news
Advertisement

Арогантното однесување на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Бетиќи, ја наелектризира јавност и новинарската фела. Во нова снимка, се гледа како новинарот на „Алфа ТВ“, Матеја Петровски се обидува да се дообјасни со Бетиќи во врска со прашањето и му објаснува дека не било националистичко туку поврзано со ДУИ. Но, наместо да го сослуша, Петровски е истуркан од обезбедувањето на вицепремиерот кој пробува да влезе во автомобилот.

Advertisement

„Не можете да нѐ оставите нас Албанците“, вели Битиќи додека бега, на што новинарот Петровски му објаснува: „Не е така господине Битиќи, јас партија спомнав, не националност“. На ова, вицепремиерот наместо да застане, замавтува со раката.

Ова беше причина и еснафските здруженија да го кренат гласот.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осудуваат односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.

Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на вчерашниот настан.

На новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ, вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија предупредуваат дека овој начин на комуникација мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните“, стои во реакцијата на Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара јавното обвинителство веднаш да преземе мерки против премиерот Димитар Ковачевски по скандалозниот одговор на прашање од новинарот на Алфа ТВ Матеја Петровски, по повеќе основи, меѓу кои прекршување на член 16 од Уставот, прекршување на член 382 од Кривичниот законик, досегашниот член 319 од
кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Совет на Европа за борба против говор на омраза.

„Со овој одговор, за премиерот Ковачевски – новинарот Матеја Петровски е фашист, што преставува не само вербален напад со низа клевети и ширење говор на омраза (дефиниран во досегашниот член 319 од КЗ – тој којшто делото од ставот (1) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето), туку и спречување на службено лице во вршење на својата дејност (член 382 од КЗ).

Македонската асоцијација на новинари (МАН) очекува јавното обвинителство по јавно допрен глас, веќе во понеделник да поднесе обвинителен акт против премиерот Ковачевски за прекршување на член 16 од Уставот, ширење говор на омраза и спречување на службено лице во вршење на својата дејност согласно Кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Советот на Европа.

Слободата на говор гарантирана со Уставот (прашањето на Матеја Петровски) и со недавањето на одговор (наместо одговор, премиерот Ковачевски даде низа клевети, деградирачки квалификации кон новинарот и говор на омраза) – со што го оневозможи јавното информирање.

Европска регулаторна рамка за „говорот на омразата“ наведува детали во препорака бр. R (97) 20 во врска со „говор на омраза“ и особено ги повикува владите, да одредат јавните власти и јавните институции на национално, регионално и локално ниво, како и нивните службеници да имаат посебна одговорност за воздржување од изјави, особено пред медиумите, кои разумно може да се сфатат како говор на омраза, или како говор кој би можел да создаде ефект на озаконување, ширење или промовирање расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на дискриминација или омраза базирани на нетрпеливост. Таквите изјави треба да бидат забранети и јавно отфрлени секогаш кога ќе се појават, стои во препораката.

Ова не е прв пат премиерот Ковачевски со тешки клевети да им одговара на новинарите, да шири говор на омраза и да повикува да бидат санкионирани преку своите јавни настапи. Тој од собраниска говорница побара Обвинителството и Судот да го санкционираат новинарот и уредник Драган Павловиќ Латас, неговото обезбедување му се закануваше и претходно на новинарот Матеја Петровски дека може да биде приведен зошто му поставува прашање на премиерот.

Ковачевски неодамна посочи дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси. Ковачевски посочи и дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација. Ковачевски беше и арогантен со новинарите клеветејќи ги дека доаѓаат од телевизија што може поблиску да се информира за цената на гасот.

Ова не е првпат Ковачевски да има лош однос со медиумите. Речиси на секое јавно обраќање наместо конкретно да одговара на прашањата, им поставува контра-прашања на новинарите и прашува од кои медиуми доаѓаат на настанот.

Безброј пати новинари се спречени да известуваат од настан на кој присуствувал премиерот Ковачевски, како на пример новинарите Љупчо Златев и Предраг Кукиќ. Безброј пати новинарите и медиумите имале забрана да присуствуваат на настани каде е и тој. Исто така, во однос на истиот настан, МАН (Македонска асоцијација на новинари) бара
министерот Фатмир Битиќи да му се извини на новинарот на Алфа ТВ и потпретседател на МАН, Матеја Петровски.

„Сѐ додека прима државна плата, министерот е должен да го слуша секое новинарско прашање и доколку се однесува на него – да одговара на секое новинарско прашање. Ако не сака да слуша и одговара, министерот Битиќи слободно може да се откаже од функцијата и државната плата и да стои настрана. Нема некоректни новинарски прашања, има само носители на јавни функции кои не се подготвени да и одговорат на јавноста она што е во интерес на граѓаните, па прстот постојано го вперуваат во новинарите правејќи од нив дежурни виновници за лошата состојба во која е државата, благодарение токму на истите тие носители на јавни функции. Ваков наратив инициран од премиерот и министерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира, но обид и да се одвратат новинарите да се бават со теми кои се од јавен интерес.

Ваквата пракса на непримерна комуникација ја загрозува безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа се поттикнува насилство и цензура во поширок контекст, имајќи ја во предвид содржината на изразот; политичкиот и социјалниот контекст во моментот на изразувањето; намерата на говорникот; улогата и статусот на говорникот во општеството; извештај на којшто изразот се шири или засилува; способноста изразот да донесе до толку последици, вклучувајќи ја и непосредноста на таквите последици; природата и големината на публиката, и карактеристиките на целната група.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ќе ја извести Светската федерација на новинари за ваквиот некоректен однос на власта и притисокот кон независните и професионални новинари. Воедно, правните тимови на МАН веќе оформија засебни предмети, чија разврска ќе се бара пред надлежен суд“, велат од Македонската асоцијација на новинари.

Извор: https://skopje1.mk/archives/251605

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.