Вонреден надзор во „Идризово“ по претепувањето на Боки 13 и уште еден затвореник

news
Advertisement

Според верзијата на Правда, нападот го извршиле двајца осуденици врз Боки и уште едно лице во шеталиштето каде што осудениците го поминуваат слободното време за прошетка на отворено. Против напаѓачите се подготвува и постапка за дисциплинска одговорност
Службеници од Управата за извршување санкции ќе извршат вонреден надзор на затворот „Идризово“ за да ја утврдат фактичката состојба по вчерашниот инцидент кога бил претепан Бојан Јовановски – Боки 13 кој таму издржува затворска казна.

Advertisement

Вонредниот надзор го најавија од Министерството за правда, под чиј ресор спаѓа Управата за извршување санкции.

Оттаму потврдуваат дека нападот се случил во шеталиштето во дворот кое го користат осудениците во текот на слободното време за прошетка на отворено. Наспроти пријавата во МВР каде што е заведено дека нападот е извршен од три лица кон Јовановски, според верзијата на Правда, нападот го извршиле двајца осуденици врз Боки и уште едно лице.

„Веднаш било интервенирано од страна на припадниците на затворската полиција кои го обезбедуваат шеталиштето а осудените лица биле разделени. Двете осудени лица врз кои е извршен нападот, веднаш биле спроведени во затворската амбуланта за укажување на помош, а била повикана и екипа на итна медицинска помош која препорачала да бидат прегледани и во Клиничкиот центар – Скопје по што биле спроведени. Во вечерните часови осудените лица дале писмена изјава за нивното видување на настанот. Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност“,

велат од Министерството за правда.
Јовановски, како што додаваат од Правда, и во текот на денешниот ден бил однесен на Клиниката за абдоминални болести за да му се изврши дополнителен преглед.
Адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, пак, претходно во изјава за „360 степени“ вината за нападот ја лоцираше и кај директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски.

„Ова е исклучиво вина на директорот на Управата за извршување санкции. Без каква било причина го префрли од едно одделение во сосема друго одделение, каде што се сместени друг калибар на лица, затвореници. Неколкупати досега имаше вербални закани, ние ги пријавувавме, не се реагираше“,

рече Дукоски.
Јовановски во „Идризово“ издржува правосилна затворска казна од девет години во „Рекет“, случај во кој на седум години беше осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Во меѓувреме, пред првостепениот суд заврши и предметот „Меѓународен сојуз“ каде што Јовановски е првообвинет и со неправосилна пресудата осуден на уште девет години затвор.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.