Вработените во „Еуроникел индустри” во Кавадарци бараат плати и работење на комбинатот

news
Advertisement

Втор ден од протестот пред „Еуроникел индустри” во Кавадарци, вработените денеска ги повторија барањата да се обезбедат пари за плата, руда и за струја за комбинатот, а печката на фабриката да не се гаси. Од синдикалната организација нагласија дека неработењето на овој објект, поранешно „Фени”, удира на животниот стандард на населението, бидејќи, како што рекоа, од фабриката директно се хранат околу 800 фамилии, а индиректно – илјадници, бидејќи за гигантот работат бројни транспортери.

Advertisement

– Незадоволни и револтирани, стравуваме од најлошото сценарио. Го немаме земено вториот дел од платата за септември. Незамисливо е да не се работи во услови кога цената на никелот на берзата е многу подобра отколку во изминатиот период. Нема доволно репроматеријали за работа на единствената печка, која во изминативе неколку месеци работи со намален капацитет, во фаза е на топло одржување – изјави Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот.

Тој додаде дека бараат да се обезбедат финансиски средства за тековно одржување на фабриката и да не се дозволи најавеното исклучување на печката во фабриката.

Притоа, потенцираше дека ако треба, и со жив штит ќе го бранат комбинатот.

– Не е важно кој ќе биде сопственик на овој индустриски капацитет, најважно е да работиме и да земаме плата. Бидејќи неработењето на „Фени” веднаш ќе се почувствува и во дуќаните во Кавадарци со намален промет. Засега нема одговор на нашите барања од страна на директорот Димитриос Пахос, претставник на газдите ГСОЛ – подвлече Ѓорѓиев, додавајќи оти имаат сознанија дека е даден налог од раководството да се изгаси печката.

– Ако се изгаси печката, тоа, според нас, ќе значи крај на фабриката, бидејќи потоа, според нашите информации, ќе треба долго време и многу пари повторно да се стави фабриката во функција. Фабриката е значајна за Кавадарци, но и за државата – рече Ѓорѓиев.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.