ДА БЕШЕ ЖИВ, СИН МИ ПОПЛАДНЕВО ЌЕ ИМАШЕ НАТПРЕВАР Сведочеше таткото на убиениот Денис Тот, тројцата обвинети му изразија сочувство

news
Advertisement

Постојано сме на гробишта. Таму одиме по двапати на ден. Тешко функционираме, а особено тешко му е и на другиот наш син кој игра во Холандија, раскажа таткото на убиениот хрватски ракометар Денис Тот, Игор Тот.

Advertisement

Да беше сега жив, мојот син попладнево ќе играше натпревар за РК Бутел, рече таткото на убиениот хрватски ракометар Денис Тот, Игор Тот.

Тој во својство на сведок присуствуваше и беше испитан на денешното второ по ред судење за убиството на неговиот син, а најави и дека ќе бара отштета.

– Да беше жив сега мојот син, попаднево сигурно ќе играше за РК Бутел или за РК Вардар. Тој ја обожаваше Македонија и особено уживаше во Охрид. Мојата сопруга не работи, а јас работам со намален интензитет. Постојано сме на гробишта. Таму одиме по двапати на ден. Тешко функционираме, а особено тешко му е и на другиот наш син кој игра во Холандија. Очекуваме да се дознае вистината, да видиме што било и како било. Сакаме да дознаеме дали обвинетите се виновни, а ако се виновни, тогаш сакаме соодветно да бидат казнети – рече Игор Тот, пренесе А1.Он.

Од друга страна, одбраната тврди дека правната квалификација на криивчното дело за кое се товарат обвинетите не е одржлива.

– Денеска би сакал само да потенцирам дека нашата одбрана ќе биде насочена во правец на тоа дали сега обвинетиот Анџело е сторител и можел да биде сторител на кривичното дело за кое се обвинува, а секако и дали може да биде одржлива правната квалификација за ова кривично дело. Во тој правец, во поткрепа на нашата одбрана на судот му доставивме и листа на докази врз основа на кои ќе ја докажуваме нашата невиност и ќе го оспориме обвинителниот акт посебно во делот на правната квалификација – изјави бранителот на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, адвокатот Иле Танев.

Тој дополни дека за нив останува нејасно и, како што рече, „како и во оваа кривична постапка ќе се докаже умислата за обвинетиот Анџело, дека сакал да го стори ова кривични дело, бидејќи умислата претставува единствен важен квалификаторен елемент за да опстои самото обвинение“.

Бранителот на обвинетата Клементина Левковска, адвокатот Бојан Василевски, исто така, пред судот изјави дека при преземањето на дејствијата кај обвинетата Клементина Левковска отсуствува умислата.

– Со изведување на доказите, пред сѐ, од листата на докази, застапникот на обвинението, а со помош на нашиот технички советник, вешто лице од областа на Судска медицина, ќе докажеме дека ниту едно дејствие кое го презела обвинетата Клементина не ја предизвикало смртта кон сега починатиот Денис. Ќе докажеме дека таа ниту имала намера да го убие, ниту го сакала тоа, а крајно, ниту реално, можела да го стори тоа – рече Василевски.

Бранителот на Левковска, исто така, посочи дека во текот на постапката ќе докажат дека со тоа што е подигнато обвинение за кривично дело „убиство“, не е извршена правилна квалификација на кривично правниот настан, бидејќи, како што рече, „според правната теорија и пракса, дејствијата кои ги презеле обвинетите евентуално може да бидат обвинети за друго кривично дело, а не за делото кое се обвинети“.

Бранителката на обвинетиот Андреј Костовски, Бранкица Миланова, посочи дека одбраната ќе докаже дека не може да остане правната квалификација која им се става на товар на сега тројцата обвинети, бидејќи, како квалификаторен елемент, и според неа, ја исклучува умислата.

– Од сите докази кои ќе бидат изведени како од страна на Јавното обвинителство и од одбраната ќе се уверите како Совет, а верувам дека ќе ја увериме и целата јавност, дека умисла нема, и не само што нема умисла, туку, ваквата поставеност согласно член 22 бара сите тројца обвинети да имаат еднаква цел, заедничка умисла – рече Миланова.

Таа дополни дека од исказите на сведоците, како што рече, ќе докажат дека „целата вечер во дискотеката немало никакви проблеми помеѓу обвинетите и сега починатиот Денис Тот, за да постои каков било мотив или умисла за сторување на делото“.

– Од исказите на сведоците ќе докажеме дека оштетениот беше во видно алкохолизирана состојба, иако тоа, за некое чудо, не е утврдено, и таков податок немаме, не се утврдени промили на алкохол во крвта на оштетениот – рече Миланова.

Обвинетите се согласија со одбраната на нивните бранители и изразија сочувство за починатиот.

– Во ниеден случај не сме имале умисла ниту сакале да дојде до нешто такво, ниту јас, а верувам ниту другите обвинети. Она што имам да го кажам ќе го кажам во завршните зборови – изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.

Обвинетата Клементина Левковска, исто така, кажа дека никој од нив не сакал да се случи тоа.

– Никој од нас не сакал, најмалку јас, да се случи тоа што ни се става на товар – рече Левковска.

Обвинетиот Андреј Костовски се согласи со одбраната и изрази длабоко сочувство.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

„По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.