Десетина луѓе чекаат орган за трансплантација во Охрид и Струга, свеста за органодарување сеуште не е на задоволително ниво

news
Advertisement

Свеста за органодарување сеуште не е на задоволително ниво, иако не е ни на ниско ниво, но треба да се зборува многу повеќе. Од година во година се поголем замав зема нашата кампања за подигнување на свеста и сметам дека од еден период кога беше табу тема, сега веќе почнува да се зборува и се зголемува интересот вели претседателот на здружението „Храбро срце“, Васко Јолески, на денешниот настан на плоштадот во Охрид во рамки на одбележување на Светскиот ден на органодарителството.

Advertisement

Добро е што тргнавме од една мртва точка и сега сме малку подалеку и одиме се погоре и погоре. Во Охрид и Струга има четворица потенцијални приматели на органи на срце и уште пет-шест лица на бубрег или друг орган. Значи вкупно десетина луѓе чекаат орган за трансплантација. Но, не се трансплантираат само органите, туку и ткивата, коскената срцевина, кои навистина можат да спасат живот, а нас ништо не би не оштетиле, вели Јолески.

Едукативни флаери беа поделени на граѓаните, а присутни беа и истакнати кардиолози, интернисти, анестезиолози, матични лекари и медицински сестри кои секоја година ја даваат својата поддршка на макотрпните заложби на Здружението за подигнување на свеста за кадаверични трансплантации.

Тоа што сакам да го истакнам оваа година е да пратам апел до властите да инвестираат во инфраструктурата на Државната кардиохирургија каде што има перфектни луѓе кои можат да се носат рамо до рамо со светските кардиохирурзи. Но, треба да им се обезбедат повеќе ресурси, во смисла на просторно уредување на самата Клиника и да се вложи во инвентар. Исто така, добро би било државата да инвестира во една национална кампања која ќе се води на повисоко ниво и кај луѓето да стане секојдневие говорењето за потребата од таа хуманост издигната над се, односно дарувањето органи. Кога некоја личност ќе ја загубиме, најмалку што можеме е да спасиме седум, осум или стотици други, потенцира Јолески.

Секој од нас може да ја поддржи капањата за органодарителството на здружението „Храбро срце“ и да ја пренесува пораката „Дарувај живот“, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој преку видео порака даде јавна поддршка на кампањата за органодарителство.

Со ова правиме еден важен чекор за да помогнеме, да спасиме и да излекуваме повеќе животи, но и да ја почитуваме и вреднуваме дарежливоста на донорите. Ајде сите заедно да ја покажеме хуманоста како наша најчовечна особина, ајде заедно да покажеме дека може да ги избришеме солзите и да донесеме повеќе насмевки. Ајде заедно да зборуваме гласно, да се едуцираме и да ја подигнеме свеста за уште многу успешни трансплантации и уште многу спасени животи, вели Пецаков.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.