ЕДНОНАСОЧНА УЛИЦА СЕ ГРАДИ НА КЕЈОТ НА ЦРН ДРИМ ВО СТРУГА, ОТИ ДУЌАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА НЕМАТ МЕСТО ЗА ДОТУР НА СТОКА

news
Advertisement

Кејот на Црн Дрим во Струга, кој од едната страна се поплочи со природен мозаичен камен, ќе добие и еднонасочна сообраќајница која ќе служи за дотур на стока на дуќанџиите и угостителите кои се на самиот кеј. Стружани стравуваат дека со асфалтирање на дел од кејот, бројни возила ќе поминуваат тука особено во текот на летните месеци.

Advertisement

САКАМДАКАЖАМ испрати прашање до Општината, но до објавата на текстот не добивме одговор за тоа дали ваквото уредување е во согласно проектната документација, како ќе функционира, во кој временски период ќе биде дозволено поминување со моторни возила и колку чини целиот зафат?

Како што неофицијално дознаваме, еден од кејовите по течението на реката Црн Дрим во Струга со реконструкцијата бил пренаменет во пешачка зона, но претходниот градоначалник Зијадин Села не успеал да направи промена на Деталниот урбанистички план со што до ден денес тој потег се води како сообраќајница. Врз основа на таквата документација, велат нашите извори, сегашниот градоначалник Рамиз Мерко увидел дека има потреба да биде повторно вратен еден дел од овој кеј како сообраќајница за потребите на стопанствениците и граѓаните кои живеат на овој потег.

„Ќе има нарушување на јавниот ред и мир во поглед на возење на велосипеди со мотор, па и автомобили, оти такви нешта сме гледале и во изминатиов период. Со тоа е направена една мечкина услуга затоа што реално граѓаните нема да добијат нешто многу, а ќе биде сериозно нарушена безбедноста на пешаците и нивното слободно движење“, вели Никола Кукунеш, граѓански активист.

Дел од граѓаните, пак, го поздравуваат ваквото решение оти според нив, так ќе се заштити новопоставениот камен од тешката механизација.

Кукунеш вели дека реконструкција на кеј преставува тековно одржување, а плочките имаат свој рок на траење и план кога и како да бидат поставени и тоа не смее да биде изговор дека нешто ќе се заштити.

„Струшката чаршија која беше една од најубавите во државата во моментот се наоѓа во една сериозно руинирана состојба. Тоа значи дека и струшката чаршија под итно треба да биде реконструирана. Не е ни безбедна, има големи оштетувања. Кејот во изминативе 15 години е веќе трипати реконструиран“, кажува Кукунеш.

Реконструкцијата на кејот требаше да биде завршена до средината на јуни кога се одржа и Самитот на Преспа, но неофицијално поради проблеми со плаќањата, градежната фирма која била ангажирана се откажала.

На овој потег има голем број објекти кои се новоизградени, но без да се води грижа за соодветно паркинг место и начин на снабдување. Кукунеш вели дека треба да се најдат алтернативни начини без враќање на сообраќајницата на овој потег од кејот.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.