ИЛИ ЌЕ ЛАПНАТ МИНИСТЕРСКО МЕСТО ИЛИ НЕ ГЛАСААТ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ Помалите коалициски партнери го „клоцаат“ премиерот под маса

news
Advertisement

ледајќи дека власта тешко наоѓа доволен број пратеници за промена на Уставот, помалите партии, кои се дел од владината коалиција, почнаа да „клоцаат“ и да ги уценуваат поголемите коалициски партнери: или ќе добијат поголемо учество во власта, или ќе бараат предвремени парламентарни избори.

Advertisement

Ваква информација пласираше порталот на албански јазик Журнал преку текст со наслов „Малите партии во власта да не го разгоруваат огнот, бидејќи можат и самите да се изгорат“, а една од тие мали партии кои најмногу „клоцаат“, наведува порталот, е партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз.

Лидерите на ваквите помали партии, посочено е во текстот, наводно бараат од владата да им се додели министерско, заменик-министерско или директорско место, со цел да се задоволат апетитите на нивните сопартијци, а за возврат нивните пратеници ќе ги поддржат уставните измени, со цел да се внесат Бугарите во Преамбулата. Во спротивно, пак, доколку не се исполнат нивните барања, наводно лидерите на овие партии ќе бараат да се одржат предвремени парламентарни избори, нешто што, очигледно, во моментов воопшто не ѝ оди во прилог на власта.

Да не набројувам што сѐ му се заканува на македонскиот народ кој буквално се бори да ја преживее кризата, а на власта ѝ дошло до уставните измени. Крајно недржавничко однесување е сега да барате да се менува Уставот, а сѐ уште не е почнат ни скринингот

Павле Трајанов
Демократски сојуз
Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов во разговор за Плусинфо вели дека целосно е лажна информацијата дека неговата партија ја уценува или планира во блиска иднина да ја уценува власта во поглед на изгласувањето на уставните измени, но од друга страна, пак, тој не ја крие нетрпеливоста којашто владее помеѓу владејачките партнери.

– Ние немаме со никого разговарано за уставните измени и не планираме никого да уценуваме. Впрочем, македонската јавност многу добро го знае мојот став во поглед на отворањето на Уставот и за внесувањето на Бугарите во Преамбулата. На реципрочна основа нема никакви пречки Бугарите да бидат вградени во македонскиот Устав, меѓутоа мора да постои реципроцитет. Тоа значи дека треба да бидат признаени правата на Македонците во Бугарија, да биде дозволено формирање културни друштва, политички партии, или, пак, со други зборови, да започне имплементацијата на одлуките на Судот во Стразбур врзани со правата на Македонците во Бугарија – објасни Трајанов.

Тој смета дека власта не треба сега толку многу да го форсира прашањето за уставните измени.

– Уставните измени, апсолутно, не се предмет на дневен ред. За уставните измени е потребно прилично долго време. Прво треба да започне скрининг-процесот којшто го поддржуваме и кој ќе трае година и пол. Чиста манипулација со јавноста е сега да се зборува за уставните измени. Замислете, пред некој ден во Скопје пристигна германскиот пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот, и веднаш започна да нѐ притиска да го отвориме Уставот. Со кое право Европската Унија бара од нас да го менуваме Уставот, а од друга страна тврди дека билатералните прашања се надвор од преговарачката рамка? Зошто нѐ притискаат? Крајно е некоректно од Рот или од кој било друг европратеник кој наскоро ќе пристигне во земјава и ќе нѐ притиска да го промениме Уставот. Мислам дека таквиот пристап само дополнително го зголемува отпорот кај граѓаните за да не ги прифатат уставните измени како решение на проблемот. Значи, сметам дека уставните промени сега не треба да бидат топ-тема во јавноста, туку напротив, власта треба да почне да се занимава за тоа како ќе течат реформите во државата, борбата против корупцијата, енергетската криза, високите цени на производите, сиромаштијата… Да не набројувам што сѐ му се заканува на македонскиот народ, кој буквално се бори да ја преживее кризата, а на власта ѝ дошло до уставните измени. Крајно недржавничко однесување е сега да барате да се менува Уставот, а сѐ уште не е почнат ни скринингот – вели Трајанов.

Власта, додава тој, со три многу важни работи манипулира со граѓаните.

– Прво, ние немаме формално-правен почеток на преговорите за членство во ЕУ. За да почнат преговорите, најпрво треба да ги решиме историските прашања и да ги извршиме уставните измени. Чиста манипулација е дека преговорите се започнати. Второ, никаде не стои дека македонскиот јазик ќе биде службен и официјален јазик откако ќе влеземе во ЕУ. И тоа е голема манипулација. Министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека „јазикот е чист“, меѓутоа потврда за такво нешто никаде не постои. И трето, велат дека добро било тоа што историските и билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка. Чиста манипулација. А токму сега зборуваме за уставни промени и за решенија донесени од Комисијата за историски и образовни прашања. Тотална манипулација – истакна Трајанов.

И пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) не крие дека се влошени односите со коалициските партнери од власта, но како што вели, неговата партија сепак нема да уценува за уставните измени.

– Нема да уценуваме. Уставот не смее да се користи за да се уценува власта. Да, признавам, имаме проблеми со коалицискиот партнер СДСМ, бидејќи дел од предизборниот договор сѐ уште не е исполнет од нивна страна. Не сакам да бидам погрешно сфатен, ама ако во најскоро време не се стават промените на Изборниот законик на дневен ред, тогаш ние ќе направиме подрастични чекори како што е неучеството во собраниската работа. И ова не го зборувам само од позиција на пратеник од ДПТМ, туку го кажувам од името на повеќето помали политички партии кои се дел од владејачката коалиција. Ние со години бараме да се расправа за евентуална промена на Изборниот законик, но никако не можеме да ја донесеме иницијативата на второ собраниско читање. Ако и понатаму гледаме неискреност кај нашите ортаци од поголемите партии од власта, тогаш ние дефинитивно ќе го искористиме нашето демократско право и ќе направиме сѐ за да ги убедиме. И во иднина не можеме со несериозни партнери да бидеме во коалиција – изјави Иљас за Плусинфо.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.