КАДЕ СЕ ЛЕКУВААТ ПАЦИЕНТИТЕ – АМБУЛАНТАТА ВО АВТОКОМАНДА ПРЕД РАСПАЃАЊЕ: Ќе дочека ли реновирање?

news
Advertisement

Целосно прокапани тавани, тоалети во распаѓање, подовите и ѕидовите уништени…Мирис на влага и на старо насекаде. Вака ја опишаа амбулантата во Автокоманда пациенти кои таму добиваат здравствени услуги. Велат дека објектот, односно бараката само што не пропаднала.

Advertisement

Го носев синчето на контрола во амбулантата во Автокоманда и верувајте глетката е застаршувачка. Имате чувство дека таванот само што не паднал врз пациентите кои чекаат да дојдат на ред на преглед. Скапано е сè, од подови, ѕидови, тоалети, тавани. Некој и да не е болен, ќе се разболе додека чека. Ова се навистина бедни, бедни услови и за самите вработени таму, но и за пациентите кои чекаат квалитетна здравствена услуга, вели Тамара Д. од Скопје.

Вработените велат дека како што доаѓаат нови раководства во владата, така доаѓаат и нови иницијативи за затворање на амбулантата, но посочуваат дека тие успеале да се изборат да не ја затворат амбулантата која опслужува голем број граѓани. На прашањето дали постои иницијатива за реновирање тие велат дека е среќа што воопшто сè уште работат и функционираат.

Ако не е убаво, барем е чисто, вели медицинскиот персонал во амбулантата во Автокоманда.

За овој проблем, Фактор се обрати и до директорот на Здравствен дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски, кој вели дека амбулантната барака во Автокоманда веќе пред две – три години требало да биде реновирана, но проектот е стопиран.

Неколку амбуланти во Скопје, меѓу кои Тафталиџе, Козле и оваа за која сега прашувате, во Автокоманда, беа планирани за реновирање по теркот на мобилните болници, какви што беа направени за време на пандемијата на корона вирусот, но сите такви проекти беа прекинати. Ова се всушност бараки направени по земјотресот во Скопје, што значи во 1963 година и се останати како времени објекти кои се во функција цели 60 години. Но, за да се изградат нови, секако за тоа треба да даде одобрение Министерството за здравство, бидејќи ние како Здравствен дом – Скопје едноставно не можеме да сториме ништо без поддршка од таму, посочува директорот на Здравствен дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски.

Директорот во изјавата за Фактор потенцираше дека токму поради лошите услови во кои се амбулантите, во Скопје целосно се реновирани неколку вакви здравствени установи, односно амбулантите во Ѓорче Петров, во Бутел и во Лисиче. Посочи дека тие се веќе дадени под концесии и функционираат одлично, во најсовремени услови.

Извор: https://faktor.mk/kade-se-lekuvaat-pacientite—ambulantata-vo-avtokomanda-pred-raspagjanje-kje-docheka-li-renoviranje

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.