КАКО САД ГИ СТАВА НА ЦРНА ЛИСТА, TAKA ДРЖАВАТА ГИ СПАСУВА – СО ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ СЕ СПАСУВА И СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК МЕРКО ОД СИТЕ 15 ИСТРАГИ ЗА КОРУПЦИЈА

news
Advertisement

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за кого обвинителството по увидот кажа дека е запишан за 30 кривични дела и за кого во Струга се водат 10, а во Обвинителството за организиран криминал 5 истраги за злоупотреба на службената положба и овластувањата, исто така се спасува со амнестијата преку застарување на делата што ја изгласа Собранието претходната недела.

Advertisement

Мерко е од ДУИ и тој е најновиот на црната листа на Стејт Департментот, објавена во јуни, со дообјаснување дека американската влада ги знае доказите за негово коруптивно работење и злоупотреба на градоначалничката функција.

Со ненадејниот упад во казнената политика во Македонија напишана во Кривичниот законик, Собранието спасува и многу обвинети поранешни функционери на чело со избеганиот Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои исто така се на американската црна листа.

Бизнисменот Јордан Камчев во „Империја“ претходно го спаси судот, одредувајќи му мала казна од неколку месеци затвор по признание на вина. Казната тој ја помина во отвореното одделение во затворот во Струга.

НИЕ НЕ МОЖЕМЕ ДА ВИ ГИ АПСИМЕ КОРУМПИРАНИТЕ, АМА ИНТЕРЕСНО Е ДА СЕ ВИДИ ШТО ЌЕ ПРЕЗЕМАТ НАДЛЕЖНИТЕ ПО СТАВАЊЕТО НА ЦРНАТА ЛИСТА НА КАМЧЕВ, МЕРКО И ДРУГИТЕ, КАЖА АМБАСАДОРКАТА АГЕЛЕР
Мијалков беше осуден на 8 години затвор за „Тврдина-Таргет“ и на 12 години за „Трезор“, но по повеќемесечно чување во фиока од страна на апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези, апелационите судии ги вратија двата предмета на повторно судење. Помага кој колку може.

Претходно беше ослободен од вина во „Тортура“, а му застаре делото во “Титаник 2“, откако беше вратено судењето од Апелација одново и се развлече до бескрај.

Откако се отстранија овие две пречки, останаа делата за злоупотреба на службената положба и овластувањата во прислушувањето и кај незаконската набавка на британска прислушна опрема со која буџетот е оштетен околу милион евра, но тука во пресрет му излезе Собранието.

Груевски со намалените казни за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување за кои е обвинет во сите предмети, се спасува од предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Траекторија“ и други, а в година застарува затворското гонење за незаконската набавка на скапиот мерцедес со пари од буџетот на полицијата.

Измените на Кривичниот законик се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.

Со ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор.

Ставот 5 кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и не постои веќе.

Со овие измени застаруваат делата и практично се амнестираат 15-ина предмети за корупција, кои кај што како обвинети беа Груевски и соработниците, судиите намерно ги влечеа од 2017 година до денеска. Во овие предмети ќе настапи застареност на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања. Со снижување на казните или со бришење на членот, ќе застарат следните случаи: „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Шпански скали“, „Тврдина-Таргет“, предмет за Стевчо Јакимовски и други.

На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Обвинителството допрва ќе прави попис на предметите со овие кривични дела за корупција, па ќе каже дали воопшто некој од нив ќе остане во живот и до кога.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.