НЕВЕРОЈАТЕН ПОТЕГ НА ВЛАДАТА ВО ПАКИСТАН: Гаси интернет, телефони – има избори!
Пакистан привремено го „исклучи“ интернетот и ги суспендираше мобилните услуги до завршување на парламентарните избори.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи рече дека мерката е оправдана, наведувајќи ги неодамнешните терористички инциденти во земјата. Секако дека милиони се незадоволни затоа што се работи за земја со 231 милион жители и 128 милиони од нив имаат право на глас, а освен користење на интернет, не можеле да користат мобилни телефони за повици или праќање пораки.
„Како резултат на неодамнешните терористички инциденти во земјата, беа изгубени драгоцени животи. Неопходни се безбедносни мерки за одржување на редот и мирот и за справување со потенцијалните закани“, ја оправда одлуката тамошното МВР.
Имено, вчера во два бомбашки напади во провинцијата Белучистан загинаа 28 лица. Исто така, земјата е во состојба на зголемена готовност, со силно присуство на безбедносни сили во форма на војска и полиција на избирачките места низ земјата.
Граничните премини со Авганистан и Иран исто така беа затворени за товарен сообраќај и пешаци за да се „обезбеди целосна безбедност“ за време на гласањето.
Пакистан, и во минатото исто така, го блокираше интернетот за да го контролира протокот на информации – иако тоа сè уште не е забележано за време на избори, јавува Би-Би-Си.