Пред утрешната владина седница: ДУИ сугерира дека нема доволно аргументи за разрешување на директорите на М-НАВ?

news
Advertisement

Ќе дебатираме. Можеби Владата има посилни аргументи од судот“ – рекле од ДУИ за ТВ 24 пред утрешната владина седница на која, според најавите, ќе се одлучува за разрешување на раководството на М-НАВ. Одлуката на Кривичниот суд, на која се повикуваат од ДУИ, беше да им се определат мерка на претпазливост, а не притвор на осомничените за упадот во М-НАВ, со образложение дека Обвинителството не доставило доволно докази од кои ќе произлезе дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело што им се става на товар
Вторник е денот кога Владата вообичаено одржува седници. Но, утрешната седница е од посебен интерес за јавноста зашто на неа, како точка на дневен ред, се очекува да се најде прашањето за разрешување на раководството на М-НАВ по инцидентот што минатата недела се случи во оваа институција.

Advertisement

Дека ќе предложи разрешување на целото раководство и на членовите на Управниот одбор на М-НАВ на седницата нма Владата што ќе се одржи на 9 јануари, премиерот Димитар Ковачевски најави во четвртокот навечер, кога се случи насилниот упад и нападот на дел од вработените во контролата на летање.

Сепак, неизвесно е како ќе се произнесат петтемина министри од редовите на ДУИ со оглед на ставот на нивната матична партија дека има неоправдани обиди инцидентот во М-НАВ да ѝ се припише на ДУИ, иако „тој е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичко прашање, а уште помалку со ДУИ“. Од ДУИ излегоа со овој став и покрај тоа што еден од осомничените за нападот е ексминистерот и актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири, а раководството на М-НАВ на чии одлуки се противи синдикатот, иато така, е избрано на предлог на ДУИ.

Во куса изјава за ТВ 24, од ДУИ денеска рекле дека се подготвени за дебата на утрешната владина седница на која ќе се одлучува за разрешување на раководството на М-НАВ.

Ќе дебатираме. Можеби Владата има посилни аргументи од судот“,

велат од ДУИ.
Овој став на ДУИ како да сугерира дека во оваа партија сметаат оти нема доволно аргументи за разрешување на раководството на М-НАВ. Претседател на Управниот одбор (УО) и извршен директор на М-НАВ е Фахрудин Хамиди, а членови на УО и секторски извршни директори се Хасим Деари и Љубе Стаменковски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, со која премиерот Димитар Ковачевски се консултирал пред да го иницира предлогот за разрешување, смета дека раководството на М-НАВ треба да биде разрешено.

После сè што изминатиов период видовме околу случувањата во оваа институција не верувам дека кој било ќе има силни аргументи да се спротистави на предлогот за разрешување“,

вели министерката за одбрана Славјанка Петровска за ТВ 24.
Ваквата одлука, според Петровска, е неопходна за да се испрати порака дека нема компромис за безбедноста на патниците кои го прелетуваат македонското небо и дека ниедна политичка партија не смее да ги користи вработувањата во оваа институција за своја лична агенда.

Инаку, на осумтемина осомничени за нападот на вработените во М-НАВ, меѓу кои е и Беким Незири од ДУИ, судија на претходна постапка во Кривичниот суд им одреди мерки на претпазливост, а не притвор, како што тоа го бараше Обвинителството.

По бројните реакции, од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека судиите на претходна постапка постапувале врз основа на приложените докази од ОЈО Скопје и МВР, како и по сопствено убедување.

Според објаснувањето од Судот, од преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.

„Од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“,

соопштија од Судот.
На ова реагираа од ОЈО Скопје, наведувајќи дека јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај е неоснована.

„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото“,

реагираа од ОЈО Скопје.
По реакцијата на Кривичниот суд дека не се приложени доволно докази за делото за кое се гонат осомничените, од Обвинителството објаснија:

„Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.