Пропаста на уставните измени е атентат врз државата

news
Advertisement

Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Advertisement

Откако претприемчивите луѓе на буржоаската епоха на 18 век го развиле неоаристократскиот поим за самозаслужениот успех, традиционалното увежбување на понизноста се компензирало со агресивните барања на прилики јавно да се покажат сопствените сили, умеења и предности.

Класичен израз на тој поим е слоганот вообичаен меѓу буржоазијата од тоа време: felix meritis – среќен поради сопствените заслуги. Таа изрека, со добри причини, истакнува Слотердијк, ја украсува уличната фасада на една од најубавите класични згради во Амстердам, во улицата Царски канал изградена во 1782 година, а после во 1945, привремено била седиште на Комунистичката партија на Холандија. Денеска таму е еден од најзначајните културни центри на Холандија.

Јас мислам дека ова е израз на протестантската етика: работа, понизност, успех и среќа поради сопствени заслуги.

Се разбира дека во прилог (и на протестантите и на католиците) им оделе откривањето на новите светови, колонизацијата и користењето на тамошните ресурси, географската и геополитичката позиција на Атлантикот, но и за искористување на тие позиции била потребна мака, работа и понизност, да се задржува пристојноста во сопствениот живот и да се работи на општиот прогрес.

Во Скопје, покрај Царскиот канал што се вика Вардар, имаме Музеј на револуционерната борба, второ име за манекенската граѓанска војна со многу бесмислени и глупави жртви од колекцијата на Софија Пирин Сер, за интереси кои од денешен аспект можеме да ги сметаме за туѓи и имаме изложба на потемкинови села на античката самоизмама и светската провокација, со Триумфекална капија, со Александар и татко му Филипчо, со еден куп испосрани цицлести жени, трудници и мајки, бесмислени дорски, јонски и вморонски столбови поредени пред нешто на кое пишува Археолошки музеј и Уставен суд.

Демек тоа е нашиот слоган над Царскиот канал: квазиреволуционерниот масакр и терор, античката старост од која влечеме права кои нè ослободуваат од сета понизност, мака и трудољубивост и Уставниот суд како фактор на институционалната карикатура, односно на институциите како карикатури.

Кој ја смислил оваа комбинација со интересна симболика?

Основата на нашиот јавен дискурс е напад врз државата која ги разочарала граѓаните затоа што не им обезбедила подобар живот при исто количество на неработа, мрза и бесталентираност.

И со политички определби кои на злото му дадоа мандат да ѝ стави на Македонија пластична кеса врз главата.

Градиме крстови, кршиме јајца, чекаме томос и мантраме: Господ нека ни е на помош.

Па, Господ, господа, не е глупав.

Протестантите не барале помош од Господ туку својата работа ја сметале за исполнување на Господа како врховен критериум на постоењето.

Можен ли е во православниот свет протестантски став?

Не, се разбира.

Има поединци кои се среќни поради сопствените заслуги, но нема структура која со таков слоган ќе му даде печат на целото општество. Тука важи слоганот: среќен поради добрите односи со државата. Или среќен поради членството во некоја партија.

Но, еве, уште еднаш: Можен ли е еден таков културолошки и социјален пресврт?

Мислам не!

Можеби по сто години, кога некоја нова генерација на денешната олигархија или некои нови структури ќе влезат во нова културна вселена.

Не, затоа што партизмот го растури култот кон работата и кариерата што го изгради толку напаѓаниот социјализам и успеа цели генерации да култивира дека среќата може да биде заслуга на човекот само ако тоа го аминува некој партиски лидер. За што ќе мора да плати со душата што ќе ја остави како хипотека.

Само во таква култивираност, отруена со политичките и лукративни амбиции на верата и црквата и народносните бајки на вмро за простата народна маса, беше можно испаѓањето на Македонија од квалификациите за Европската унија.

Тоа беше атентат врз државата. И народот. Долго подготвуван атентат. Терористички акт од највисока категорија. Како еден од последните чинови на разградување на нацијата и државата. Движење кон смртта кое треба да извади карта за последната делница на претстојните избори. Македонија не може да биде прогласена за мртва ако на избори не им ја даде својата согласноста на атентаторите.

Таа гротеска е единствена.

Нема друг случај убиецот да ја моли убиената да гласа за него за да може (убиецот) да ја закопа.

Мојот став е дека избори меѓу граѓанството со одземена деловна способност не треба да има. И со медиуми кои го фаворизираат и факторизираат просташтвото. Односно само тоа прават. За што и за кого ќе гласа народот кој седум години е дресиран да скока на секој спомен на четирите свети букви и да има чувство дека е лав што скока низ огнени обрачи макар и во циркус.

И дека треба да му биде мака што на време не се иселил.

Но, избори мора да има.

Макар и со малку крв обоени.

Чувствувам дека ќе има црвено.

И црно, се разбира.

Но, не Стендал, туку Татарчев и друштвото.

Оти ова не е демократски натпревар.

Туку натпревар да се биде или не во најбуквалната смисла.

За вмро изборот е таков во идеолошка смисла, а за нормалните Македонци, во егзистенцијална.

Вмро-дпмне гледа на Македонија како на дива свиња што треба да ја убие и однесе дома во Софија.

И затоа е важно да се каже:

Нема неутрална површина – нешто е неутрално во однос на нешто друго, на некое толкување или очекување, рекол Роб Грие, но површината им ја одзема неутралноста на сите и на сè.

Така што можете да си седите дома колку сакате, да зборувате дека политиката не ве интересира, Македонија ќе ви каже за кого и за што сте биле, нема алиби, не постои неутралност.

Така е на општ план.

А конкретно, ако мене ме прашате, излезете на гласање и гласајте против злото што се вика вмро-дпмне.

Со сдсм расправата ќе се води на друго ниво.

Идејата за помирување и дијалог е измама, но не само измама. Вмро чувствува дека продолжувањето на кампањата во која сè што не е вмро во Македонија и Македонија под раководството на други субјекти, е катастрофа, значи една доктрина која на нив им донесе доста симпатизери, а на општата кауза катастрофа, може да почне да се рони, дека тоа инсистирање на беспоговорна ексклузивност врз Македонија по толку време инсистирање на катастрофизмот и очајот заедно со својот криминален багаж, може да ја сврти расположбата на граѓанството. И ја свртува. Луѓето почнуваат да разбираат кај ќе завршат со дрогата што вмро им ја сипа во супата. И идејата за коалиција со таканаречената левица е знак на таа слабост која добила идеја да се камуфлира. Еден комшија ме прашува: Тричковски, вика, ако двајца леваци уништиле неколку микрофони и монитори колку ќе уништат во коалиција со вмро-дпмне? Ха, му викам, целото собрание и цела Македонија.

И затоа треба да се одбијат сите иницијативи во таа насока. Уставните промени беа последната прилика за помирување што тие најбезобразно ја одбија. Не во афект, туку систематски, предизвикувајќи хистерија и омраза кон сопствената држава. Не секогаш и во сè без основа, но ништо не може да биде доволна причина да се урне државата. Освен вмро. И затоа мораме, не да ги поразиме на изборите, туку и да ги истуркаме од политичката сцена.

Извор. https://frontline.mk/2023/11/26/propasta-na-ustavnite-izmeni-e-atentat-vrz-drzhavata/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.