Апасиев би преговарал со Мицкоски за владина коалиција: Ние сме идеалисти ама и прагматизмот не ни е туѓ

news
Advertisement

Ние преговараме принципиелно, ние сме прагматични. Ние сме идеалисти до одредена граница и потоа прагматизмот не ни е туѓ, ние го покажавме тоа кога седнавме да ја куткаме владата на СДСМ и ДУИ – вели првиот човек на Левица околу можноста да бидат во владина коалиција со ВМРО ДПМНЕ по изборите
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за „А1он“ вели дека партијата што тој ја предводи е подготвена по престојните парламентарни избори да преговара со ВМРО ДПМНЕ за формирање заедничка влада. По новинарската констатација дека не може да се очекува СДСМ да биде нивен партнер, Апасиев директно прашан за став околу потенцијална коалиција со ВМРО ДПМНЕ по изборите, одговори дека сите опции се отворени.

Advertisement

„Ќе ги видиме условите. Ние преговараме принципиелно, ниту прв, ниту последен пат. Ви кажав, ние сме прагматични, ние сме идеалисти до одредена граница и потоа прагматизмот не ни е туѓ, ние го покажавме тоа кога седнавме да ја куткаме владата на СДСМ и ДУИ. Таму имаше десничарски партии. Така што, ние сме незгодни играчи и после избори, сите опции се отворени“,рече Апасиев.

Тој посочи дека Левица има принципи кои ако ВМРО ДПМНЕ не ги прифати, соработка нема да има.

„Дури и да останеме опозиција, дури и да влеземе во влада и тоа да влеземе – моќта на уценување од ДУИ да премине кај Левица, тоа е нашата визија за изборите. Но, ако тоа не успее, ќе бидеме живи и здрави и ќе истераме уште еден опозициски мандат ако треба. Ние не сме по секоја цена да дојдеме на власт. Имаме принципи, ако ДПМНЕ не ги прифати тие принципи, терајте си, бркајте си работа“,вели Апасиев.

Интервјуто на Апасиев за „А1 он“ е објавено пред четврточниот настап на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Канал 5 во кој не ја исклучи можноста Левица да учествува во наредната влада.

Прашан дали тоа би се случили и покрај тоа што партијата, според новинарската констатација, негува анти-ЕУ и анти-НАТО ставови, Мицкоски порача дека во политиката никогаш не се вели никогаш.

„Тие вредности се ставаат на маса и се прави политички договор“,рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

„Потенцијалната коалиција” со Левица, во меѓувреме, прерасна во тема за партиски препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ му забележуваат на Мицкоски дека ќе преговара за вредности со, како што велат, проруската Левица која е против НАТО и против ЕУ, а за изолација и диктатура,.

„Тоа се вредностите на Левица за кои Мицкоски сака да преговара. Со признанието на Мицкоски за коалиција со Левица, јавноста ги виде ‘вредностите’ на ДПМНЕ“,велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека нема потреба од загриженост во редовите на СДСМ бидејќи немаат намера во овој момент да преземат кој било од, како што велат, коалицискиот пакт Левица – СДС – ДУИ.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.