Се враќа дневната евтина тарифа на струја

news
Advertisement

Сигурно ќе се врати дневната евтина тарифа за електрична енергија, потврди претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски. Тој рече дека точниот датум од кога ќе почне да се применува ќе се објави за 10 до 15 дена затоа што уште траат разговорите и се чека одговор од ЕВН за колку време може да го прилагоди системот. Дневната евтина тарифа пак ќе трае два часа, а тие ќе бидат во рамковен период од 11 до 16 часот, кога се покажало дека има најевтина цена на струјата поради производството на фотоволтаичните електрани, не само кај нас, туку и воопшто во регионот. – Реално, кога има најниски цени и кај нас и во регионот, очекуваме од операторот на дистрибутивниот систем со кој веќе одржавме неколку состаноци да ни каже точни претпоставки како ќе оди промената на софтверот на броилото бидејќи сега во скапата тарифа имаме 4 посебни блокови. Исто така ќе треба да се прави промена и во „билинг системот“ затоа што одредена количина на електрична енергија нема да биде во ниту еден од блоковите – рече Бислимоски.

Advertisement

Тој објасни дека евтината струја не може да стапи одеднаш кај сите корисници затоа што најголем дел од броилата немаат далечински систем на читање и мора да се излезе на терен и да се направи промена за можноста за евтина тарифа во текот на денот.

– Евтината струја ќе биде вратена како и што ветивме кога ја укинуваме, кажувајќи дека тоа е само поради екстремно високите цени што тогаш ги имавме. Ова не е ниту популизам, ниту политика, туку пазарно решение. Логиката е да се купува евтината електрична енергија од фотоволтаиците и да се заштеди водат и јагленот, затоа што ни претстои нова грејна сезона и ние треба да си обезбедиме електрична енергија од домашно производство – рече Бисимоски, објаснувајќи дека кај нас со многу забрзано темпо се градат фотоволтаични електрани, а најголемите допрва се очекуваат годинава.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.