Стикче или трикче, крунски доказ или дефокус?

news
Advertisement

Според ВМРО-ДПМНЕ, уесбето е крунскиот доказ за соработката на власта со поранешниот премиер Никола Груевски, а за власта тоа е само обид за дефокус од дистанцирањето на Христијан Мицкоски од претходниот лидер Никола Груевски.

Advertisement

Што крие уесбето што прв го спомена лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, а во ТВ интервју за „360 степени“ и го покажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски? Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за обид на власта за поделба на најголемата опозициска партија. Џебното мемориско стапче, наводно, е крунскиот доказ за соработката на власта со поранешниот премиер Никола Груевски, кој, според неговите сопартијци, дал предлог како да биде изменет Кривичниот законик. Власта, пак, во стикчето гледа трикче за дефокус на опозициската партија за целосно дистанцирање на актуелниот претседател Христијан Мицкоски од претходниот лидер Груевски заради предизборно зајакнување на коалицискиот капацитет.

Никола Груевски по повеќе од четири години се јави во живо на порталот „Инфомакс“ за да негира дека е во „игра“ со поранешниот и со актуелниот премиер Зоран Заев и Димитар Ковачевски за уставните измени, но воедно распали по Мицкоски и Николоски со закани дека ќе објави детали што „нема да сакаат да ги слушнат“ доколку продолжат да го обвинуваат.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во брифинг со новинарите потврди дека добил уесбе и документи со измени на КЗ, но не од Груевски, туку од Владата.

– Никаква вистина нема дека претседателот на Собранието прима од поранешен премиер каков било материјал. Тоа е невистина што само служи за дефокус на политичкиот субјект. Собранието добива материјали од овластени предлагачи во форма која е пропишана со Деловникот. Понатаму не би сакал да користам несоодветни зборови, иако заслужува. Оставам на совеста на тие што шпекулираат со јавноста – изјави Џафери.

Тој не одговори дали содржината на измените на КЗ е еднаква на тие што Николоски ги презентираше и ги упати заинтересираните кон пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ. Џафери вели дека опозицијата измислува сè и сенешто за дневна политичка потреба за да ја избегнат реалноста.

– Ниту сум имал комуникација ниту пак сум имал потреба од комуникација со Груевски – рече Џафери.

Николоски, пак, тврди дека материјалите од уесбето се дел од тајната комуникација меѓу Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, Џафери и уште едно лице. Според него, постојат јасни траги кој е автор на текстот на измените на КЗ, што на уесбе од „свиркач“ го добила ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е Груевски. Тој тврди дека тоа се докази дека подолг период експретседателот на партијата е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ. Според Николоски, комуникацијата со Груевски ја поттикнале ДУИ, а потоа и СДСМ, а планот бил да се привлечат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени, но откако тоа не успеало сега акцијата е да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ на следните избори за да не може сама да прави влада.

Груевски преку видеоврска за „Инфомакс“ негира дека има такво уесбе и дека „секој за 15 минути може да направи уесбе и да рече: ова ти го испрати Груевски“.

– Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ и да извадам уесбе и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција. И не знам зошто се занимаваат со овие глупости. Чудно, многу чудно. Такво нешто не постои – вели Груевски.

Тој додава дека не може да си објасни зошто раководството на ВМРО-ДПМНЕ тргнало во таква брутална акција против него. Груевски вели дека од денот кога Мицкоски го дал интервјуто за германски „ФАЦ“ (5 септември), до објавувањето на интервјуто (19 септември), наративот на ВМРО-ДПМНЕ „е целосно сменет, односно дека до 19 септември, наративот на ВМРО-ДПМНЕ е дека измените на КЗ се за амнестија на власта“, а по објавувањето на интервјуто, дека освен за амнестија на власта, измените биле направени и за Груевски и тоа на негово барање.

– За мене не може да биде, бидејќи најверојатно, ако го правев јас за мене, ќе го направев за сите или барем за речиси сите предмети, а се осум-девет на број. Зошто би правел само за еден предмет – вели поранешниот премиер.

Тој негира дека имал контакти со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и рече дека повеќе од една година не разговарал или контактирал со пратеници.

Претседателот на Демократско движење Изет Меџити откако од шефот на државата Стево Пендаровски беше демантиран дека на Денот на Европа – 9 мај, водел преговори со висок профил на политичари од власта за враќање на Груевски, сега во интервју за ТВ21 вели дека претседателот тоа го сторил со челници на ДУИ на Денот на НАТО – 4 април.

-На денот на НАТО високи експоненти на ДУИ бараа и го молеа претседателот по секоја цена да го врати Груевски доколку сака земјата да има перспектива – рече Меџити.

Власта негира дека има договор со Груевски за измените во КЗ за поддршка на уставните измени. Ковачевски повтори дека КЗ не биле договорени за осудени од предметите на СЈО да излезат на слобода, ниту за што поскоро да им застарат делата. Прашан дали има информации дека ДУИ преговарале за измените на КЗ, Ковачевски вели:

-Вчера гледав преписки и јавна дебата помеѓу членови на ВМРО-ДПМНЕ, бивши високи функционери и сегашни високи функционери. Споменувањето на Владата во таков контекст е класична малверзација, манипулација и шпекулација и јас шпекулации не коментирам.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/stikcheto-e-krunski-dokaz-ili-trikche-za-defokus/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.