Тито Петковски: За државниот интерес секогаш бевме обединети

news
Advertisement

Без оглед на предизвиците и на слабостите кои се провлекуваат низ годините, но и на пречките кои неретко доаѓаат однадвор, Македонија по 32 години, сепак е стигната далеку, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски. Петковски во изјава за весникот ВЕЧЕР со радост се сеќава на првите собраниски седници кои траеа до доцна во ноќта, а за Македонија беа историски, бидејќи тогаш се удираа темелите на современата држава.

Advertisement

-Ако гледаме од една временска дистанца од 32 години, мислам дека Македонија, без оглед на околностите, далеку е стигната. Кога стануваше Македонија самостојна, надежта беше голема. Слоганот беше „Свој на своето“ и желбата за сопствена држава беше голема. Ако може да се направи ретро што е успех, членството во НАТО дефинитивно е голем успех за Македонија од причина што сега НАТО ги гарантира стабилноста, безбедноста и непречениот развој на државата кога станува збор за напад или проблеми однадвор. Но, треба да сме свесни дека НАТО не може да ги реши нашите внатрешни проблеми. Во тој контекст, можам да кажам дека сите тие огромни очекувања направија голема мобилизација на граѓаните независно од етничката припадност, се формираа повеќе политички партии, кои нудеа различни програми и пристап за развој на државата и тоа беше огромна политичка енергија и богатство на идеи и програми. Првите години по осамостојувањето, за нас беше најважно да се трасира патот за подинамичен развој на државата без оглед кој од која партија е, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
Мислам дека речиси сите пратеници беа свесни дека тој парламент тогаш прави нешто многу значајно за македонската држава, дека се удираат темелите на една нова држава и оти нашата одговорност е многу голема, додава Петковски за весникот ВЕЧЕР.

-Седниците траеја долго во ноќта и постојано бевме доведувани во ситуација да ги прекинуваме за да се усогласиме како различни пратенички групи за прашањата што беа од државен интерес. Сега, апсолутно се случува спротивното. Денес имаме беспоштедна борба за власт, моќ и пари и целосна дискредитација и омаловажување на политичкиот противник. Ако на почетокот беше важен државниот интерес, денес раководствата на политичките партии воопшто не го препознаваат државниот интерес, строго почитувајќи ги партиските и личните интереси. Дури и внатре, во најголемите партии, нема јасно заокружена политика што се нуди како алтернатива за освојување на власта. Мислам дека дури и не им се ни препознатливи идеолошките определби на политичките партии, а главната идеологија е власт. Десни или леви – тешко се препознаваат. Во сите овие години, не остваривме отворена комуникација околу клучните реформи за државата и за општеството. Во такви услови, тешко е да се зборува за брз, економски и демократски развој, развој на општеството и на државата како најсилна гаранција за побрзо зачленување на државата во Европската Унија, и затоа имаме чувство на голема разочараност кај граѓаните, омраза, недоверба во институциите, манипулација и крајна недоверба меѓусебно за државните интереси. Ние не сме способни како политички партии, и по 32 години, да ги ставиме во преден план граѓаните и државата. Во целата оваа ситуација, не го потценувам надворешниот фактор, многу ѝ попречија и Грција и Бугарија, но ако имавме разбирање во државата што е најважно за државата, огромната одговорност ќе беше на политичкиот фактор. Немаме лидери што гледаат малку подалеку од својот двор, туку се строго забарикадирани во партиските рамки, истакнува Петковски.
Тоа што за сè добиваме помош однадвор, додава тој, покажува дека ние не сме способни самите да ги препознаеме нашите интереси и сето тоа емитува слика надвор дека не можеме сами да си ја уредиме нашата држава. Партиите зборуваат од името на сите граѓани, а дејствуваат од позиции на тесен партиски интерес, и е невозможно да се постигне консензус тука.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.