Ужас во Газа, снимките од дрон сведочат за вчерашниот масакр во кој се убиени повеќе од 112 луѓе

news
Advertisement

Светските медиуми, но и на социјални мрежи веќе се објавуваат видеа од ужасниот напад врз цивили во Појасот Газа додека луѓето очајно се обидувале да стигнат до камионите со хуманитарна помош. Министерството за здравство на Газа, кое го раководи Хамас, соопшти дека повеќе од 112 луѓе биле убиени во израелски напад додека чекале во ред за хуманитарна помош. Нападот се случи на северот на Газа, а палестинските медиуми се повикуваат на медицински извори што велат дека израелските војници пукале во толпата.

Advertisement

Израелската војска соопшти дека војниците пукале кон некои луѓе за кои мислеле дека се закана. Во хаосот што следувал, камионите се обиделе да тргнат напред. Палестински сведок рекол за Би-би-си дека повеќето од загинатите биле прегазени.

Најмалку 112 лица загинаа, а 760 други се повредени во инцидентот, изјави попладнево портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф ал Кудра.

Во соопштението на израелските одбранбени сили (ИДФ) исто така се вели дека десетици луѓе загинале бидејќи биле прегазени од толпата или од камиони, но новинар од градот Газа за Би-би-си рекол дека израелски тенкови пукале врз толпата.

Во меѓувреме, директорот на болницата ал-Авда во Џабалија за Асошиејтед прес рекол дека болницата примила 161 ранет пациент, од кои повеќето биле застрелани.

Израелската војска соопшти дека нема сознанија за гранатирање во областа и дека инцидентот се истражува.

На шокантните видеа објавени на социјалните мрежи се гледаат телата на починатите во камиони или на товарни колички влечени од магариња.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал-Кудра, претходно рече дека 104 луѓе биле убиени и 760 ранети во четвртокот наутро на кружниот тек на улицата Рашид и ги обвини израелските сили за, како што рече, „масакр“.

Тој предупреди дека десетици повредени во критична или сериозна состојба се пренесени во блиската болница Ал-Шифа во градот Газа и дека тамошните лекари не можат да се справат со обемот и сериозноста на случаите.

Болничарот Фарес Афана изјави за Асошиејтед прес дека екипите за итни случаи пронашле „десетици или стотици“ луѓе како лежат на улица на местото на инцидентот. Тој рече дека дел од загинатите и ранетите се превезуваат во болниците на магариња бидејќи нема доволно амбулантни возила.

Северот на Газа претрпе големо уништување од почетокот на израелската копнена офанзива. Таа област во голема мера беше отсечена од хуманитарната помош, и покрај напорите на хуманитарните агенции на ОН.

Минатата недела, Светската програма за храна соопшти дека била принудена да ја прекине испораката на помош во северниот дел на Газа, откако нејзиниот прв конвој во последните три недели бил опколен од толпи гладни луѓе, а потоа почнале истрели.

Друг конвој се соочил со „целосен хаос и насилство поради уривањето на граѓанскиот поредок“.

Неколку камиони беа ограбени во центарот на Газа, а возачот беше претепан, додека преостанатото брашно беше „спонтано поделено“ при влегувањето во градот Газа.

Во вторникот, висок функционер за помош на ОН предупреди дека најмалку 576.000 луѓе низ Појасот Газа – една четвртина од населението – се соочуваат со недостиг од храна и се изложени на ризик од глад.

Тој, исто така, предупреди дека секое шесто дете под две години на северот страда од акутна неухранетост и исцрпеност.

Министерството за здравство на Газа во средата соопшти дека шест бебиња починале од дехидрација и неухранетост во болниците во северниот дел на Газа. Два смртни случаи биле во Ал-Шифа, а четири во Камал Адван, се додава.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН рече дека Антонио Гутереш е шокиран од тоа што 3.000 луѓе се убиени во војната во Газа и дека го осудува денешниот инцидент.

„На очајните цивили во Газа им е потребна итна помош, вклучително и на оние во опколениот север каде што Обединетите нации не беа во можност да достават помош повеќе од една недела“, рече Стефан Дујарик, додавајќи дека Гутереш го повторил својот повик за „итен хуманитарен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници“.

Дујарик рече дека тоа не бил конвој на ООН и дека „таму немало присуство на ООН“, па тие се обидуваат да ги утврдат фактите.

„Овие луѓе загинаа бидејќи хуманитарната помош не беше можно да се достави на безбеден начин“, рече Дујарик. Без разлика дали загинале или биле ранети од израелски истрели, биле здробени од толпа или прегазени од камиони, „сето тоа се акти на насилство во извесна смисла поради овој конфликт“.

Денеска Министерството за здравство на Газа објави дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас се убиени повеќе од 30.000 луѓе, меѓу кои 21.000 деца и жени.

Околу 7.000 други се водат како исчезнати, а 70.450 се згрижени поради повреди во изминатите четири месеци, соопшти Министерството.

ОН, исто така, предупредуваат на претстоен глад на северот од територијата, каде што се проценува дека 300.000 луѓе живеат со малку храна или чиста вода.

Израелската војска започна големи воздушни и копнени напади за уништување на терористичката организација Хамас, откако нејзините вооружени напаѓачи убија околу 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври и зедоа 253 заложници.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.