Фестивалот „Звуците на чаршијата” годинава со ново име „Звукот на Скопје”

news
Advertisement

„Звукот на Скопје” е новото име на фестивалот „Звуците на чаршијата” кој ќе се одржи на 16 и 17 септември. Плоштадот „Мајка Тереза”, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко и неколку места во Старата скопска чаршија ќе бидат локациите на фестивалот на кои ќе се одржат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања, информираше директорот на КИЦ, Антонио Димитров.

Advertisement

– „Звуците на чаршијата” е фестивал кој се реализира 16 години наназад и чија функција беше заживување на чаршијата како културна локација. Сметаме дека фестивалот по 16 години како да ја исполни својата улога и чаршијата денеска е едно живо културно и туристичко јадро и сега малку по малку ќе се префлриме на некои други локации во градот кои би ги заживеале во културен контекст, истакна Димитров на денешната прес-конференција.

Додаде дека на првата вечер на плоштадот „Мајка Тереза” ќе се развива еко-концептот заедно со компанијата „Пако-мак”.
– Убаво е чувството кога две традиции ќе се спојат во една, „Звуците на чаршијата”, сега „Звукот на Скопје”, се одржува веќе 16 години, а нашиот концерт „Sound of green” се реализира по десетти пат годинава и одлучивме заедно и партнерски да работиме со КИЦ, рече Ико Брдароски од „Пако-мак”.

Идејата е да има добра забава, додаде тој, но и едукација на младите за екологија и за селекција на отпад.

– Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка. Бендовите, добрата музика и забавата ветуваат дека ќе привлечеме публика и да испратиме еколошка порака од целиот фестивал, истакна Брдароски.

За Вера Милошевска од „Љубојна” ова е прекрасен настан бидејќи тие како бенд биле дел од првите издание на „Звуците на чаршијата”, сега „Звукот на Скопје”.

-Чаршијата има пошироко значење и ми се допаѓа дека чаршија всушност не е белег за локација, туку е белег на тоа каде е собиралиштето на луѓето, а „Љубојна” е секогаш тука да ги обедини луѓето, епохите, времињата, стиловите, жанровите, рече таа.

На прес конференцијата присуствуваа и членовите на бендот „Хајка” Скопје кои повикаа на дружење и забава за викендот на 16 и 17 септември.

По настапот на Констракта и Земља грува на отворањето на фестивалот, следуваат настапите на Дина Јашари и бендот „Хајка”, низ чаршијата ќе бидат бендот „Вива стрингс” и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо” ( Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија” (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto).

„Љубојна”, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла”, „Foolish Green”, „Брука бенд” ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза” ( пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава”, Дориан и Добрила, „Перија”. Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија”, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.