Часови на страв и денови на тага: Текст на студентка од Москва по терористичкиот напад во „Крокус Сити Хол“

news
Advertisement

Цела Москва е обединета во болка по еден од најголемите терористички напади во нејзината модерна историја
Солзи, молитви, пороен дожд и колона од неколку стотици луѓе се собраа пред комплексот „Крокус Сити Хол“ (Crocus City Hall) за да им оддадат почит на жртвите од терористичкиот напад што се случи во петокот вечерта. Вака изгледа второто утро по терористичкиот напад во Москва кој за момент го запре целиот свет.

Advertisement

Граѓаните немо носат цвеќе и плишани играчки и палат свеќи во спомен на загинатите. Иако голем број луѓе се собраа во близина на местото каде според последните податоци животот го загубија 137 лица, а 180 се повредени, нивните гласови како да беа замолчени, пишува во авторскиот текст студентка од Москва за српски Данас.

Се слуша звук на дожд, ветер што дува од сите страни, а на разгласот се слушаат молитвени песни.

Пристапот до концертната сала, која беше целосно опожарена, е забранет бидејќи спасувачките екипи се уште се на терен. Може да се пристапи до другите згради во рамките на комплексот „Крокус“, меѓу кои трговскиот центар и океанариумот, но вратите им се заклучени.

Мрачна е ситуацијата и во другите делови на Москва. Низ градот има големи билборди на кои е насликана свеќа и е испишан датумот кога се случил терористичкиот напад. Црвениот плоштад е затворен за граѓаните, а воведени се посебни контролни мерки во метро станиците низ кои секојдневно минуваат милиони граѓани.

Освен граѓани кои масовно доаѓаат на местото на нападот да остават цвеќе и да запалат свеќи, во градот нема гужва. А, таква ситуација владее од петокот, кога беше објавена првата вест за пукањето, за кое подоцна се покажа дека е терористички напад.

Наизглед обичен петок, 22 март, се претвори во хорор кој го потресе целиот свет и кој Москва сигурно никогаш нема да го заборави. Четворица напаѓачи вооружени со автоматски пушки влегле во концертната сала и отвориле оган уште од вратата. Иако на влезот имало обезбедување и детектори за метал, тоа не ги спречило во намерата.

Кога ја видов веста за пукањето, се сетив на страшните трагедии што ја снајдоа Србија во мај, а само посакав да се работи за лажна информација објавена на една од групите на Телеграм. Но, не беше така.

Во престрелката животот го загубија или се повредени десетици луѓе, но напаѓачите не застанаа тука. На покривот на концертната сала имало и две експлозии, поради што подоцна се урнал покривот и однел десетици животи.

Никој во Москва не спиеше таа ноќ. Ги следевме вестите и чекавме официјални информации со надеж дека ќе има што помалку жртви. Но, таа информација, кога стигна, беше поразителна. Бројот на жртвите растеше, а напаѓачите беа во бегство.

Стравот кај граѓаните беше исклучително голем, но сите специјални единици и спасувачки служби беа активирани, напаѓачите набрзо беа идентификувани, а потоа и уапсени во близина на границата со Украина.

По нивното апсење, на јавноста првпат по нападот и се обрати рускиот претседател Владимир Путин, кој им изрази сочувство на сите кои ги загубија своите најблиски и истовремено истакна дека сите осомничени се приведени.

„Сите извршители, организатори и нарачатели ќе ја сносат казната, кои и да се. Ќе го казниме секој што ќе застане зад терористите кои го планираа тој напад врз Русија и нашиот народ“, рече тој и додаде дека државата ќе ги плати погребите на загинатите, а ќе ги сноси и сите трошоци за закрепнувањето на повредените.

И покрај тоа што Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот, ниту Путин, ниту други руски претставници не ја потврдија или негираа информацијата до овој момент.

Секако, апсењето на терористите имаше ефект барем малку да им олесни на граѓаните, бидејќи во тие десет часа меѓу нападот и апсењето, тие беа крајно исплашени од можноста нападот да се повтори на друго место. Откако беше објавена информацијата за нивното апсење, сите мисли се свртеа кон молитви за упокојување на душите на загинатите и за брзо закрепнување на повредените.

И не се само молитви, туку и конкретни акции, бидејќи до саботата попладне повеќе од 6.700 луѓе дадоа крв, а бројни јавни личности понудија финансиска помош за сите погодени од оваа трагедија.

Цела Москва е обединета во болка по еден од најголемите терористички напади во нејзината модерна историја. И само едно е сигурно – солзите, дождот и тишината предизвикани од оваа трагедија ќе останат врежани во сеќавањето на секој што деновиве прошетал низ градот, пишува во текстот што го објави српскиот портал Данас.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.