Хорор во Битола: Брутално ја претепал со столица, се заканувал дека ќе ја фрли од тераса, па ја силувал
Грозоморен случај на семејно насилство и сексуален напад е пријавен во Битола, каде 56-годишен маж брутално ја нападнал својата вонбрачна партнерка во нивниот заеднички дом на улицата „Васко Карангелевски“.
Според информациите од Јавното обвинителство, на 18 декември попладне осомничениот најпрво физички ја нападнал жената, удирајќи ја по телото, лицето и главата. Во еден момент, тој зел трпезариска столица и ја удирал со неа, нанесувајќи ѝ телесни повреди.
По физичкото малтретирање, насилникот ја влечел оштетената кон терасата, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли од височина. Стравувајќи за својот живот, жената претрпела дополнителна психичка траума.
Обвинителството наведува дека осомничениот потоа ѝ наредил да се соблече за да имаат сексуален однос. Откако таа одбила, тој насилно ја соблекол и врз неа извршил полови дејствија против нејзина волја.
„Од применетото насилство оштетената се здобила со телесни повреди, а сторителот ја принудил на полови дејствија со употреба на сила и закани“, соопштија од Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство Битола побарало определување притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност да го повтори кривичното дело. Тој се сомничи за сторени кривични дела „телесна повреда“ и „полов напад и силување“.