Ова е моменталната ситуација во Скопскиот Аеродром – од ТАВ со апел до патниците

News

Патниците да ги следат ажурирањата на летовите, апелира ТАВ Македонија
ТАВ Македонија информира дека Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен и функционира, и покрај откажувањата и пренасочувањата на дел од летовите поради магла и намалена видливост.

Од компанијата појаснуваат дека аеродромот не бил затворен, демантирајќи ги шпекулациите што се појавија во дел од медиумите. Поради неповолните временски услови денеска, 20 декември, од 00:00 до 18:00 часот биле откажани 16, а пренасочени 11 летови.

„По подобрувањето на временските услови попладнево, слетаа три авиони – од Дортмунд, Истанбул и Париз, додека три полетаа кон Истанбул, Осло и Баден-Баден“, соопштија од ТАВ Македонија.

Според прогнозата од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта.

„Бидејќи временските услови постојано се менуваат, апелираме патниците редовно да ги следат информациите и насоките за нивните летови што ги добиваат од авиокомпаниите. За јавноста нагласуваме дека Меѓународниот Аеродром Скопје е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците“, се вели во соопштението.

Од ТАВ Македонија упатуваат патниците за најточни и навремени информации да ги користат официјалната веб-страница и телефонските линии на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *