Пратеникот Јанчев обвинет за сообраќајката во која загина тинејџер

News

 

Пратеникот Јанчев обвинет за сообраќајката во која загина тинејџер: непрописно свртел и го одзел првенството

 

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

 

Обвинението произлегува од тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка се здоби со тешки телесни повреди.

 

Според Јавното обвинителство, по спроведената истражна постапка биле обезбедени сите релевантни докази и извршени сообраќајно-технички и судско-медицински вештачења, со кои се утврдени причините и текот на несреќата.

 

Во обвинението се наведува дека Јанчев, управувајќи патничко возило „Хјундаи Тусон“, непрописно извршил маневар свртување на дел од коловозот каде немал првенство на минување, без претходно да се увери дека тоа може да го стори безбедно и без да ги загрози другите учесници во сообраќајот.

 

Во тој момент, во неговото возило удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, управуван од починатиот малолетник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка носеле заштитни кациги.

 

Од здобиените тешки повреди, 16-годишниот возач на мотоциклот починал на лице место, додека девојчето-сопатник било тешко повредено и пренесено на лекување.

 

Постапката продолжува пред надлежен суд.

 

Извор: Скопје1.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *