(Видео) Ковачевски: Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите, Буџетот е стабилен во услови на криза

news
Advertisement

Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати пред околу 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Advertisement

Во своето обраќање се осврна на важноста од нови инвестиции во услови на најголемата светска економско-енергетска и инфлациска криза. Тој подвлече дека и во услови на криза Буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршка на државата не изостана. Растат платите, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Премиерот Ковачевски подвлече дека сето ова е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.

„Паралелно работиме на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза, најважно е инвестициите да не застанат, а вие сите кои сте тука присутни тоа најдобро го знаете.

Во таа насока, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.

Државната поддршка за стопанството е сериозна. Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или петпати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Директните субвенции од Буџетот во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава.

Работиме домаќински и одговорно, буџетот е стабилен, а државата е финансиски ликвидна и солвентна. Нашата домашна валута денарот е исто така сидрото на стабилноста на нашата економија“, подвлече Ковачевски.

Додаде дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно дека се останува на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.

„Стапката на невработеност пак во 2016 година беше речиси 24%, за да денес е ниво под 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.

За споредба исто, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата.

Сите овие параметри и показатели се доказ дека нашиот стратешки европски пат, е правилниот пат“, рече тој.

Појасни дека Владата во соработка со Светската банка има изработено Стратегија за човечки капитал до 2030 година, во која фокус се три клучни и меѓусебно поврзани подрачја – образованието, здравството и социјалната заштита.

„Она што е важно е дека за успех на Стратегијата, потребни ни сте и вие, приватниот сектор, како и останатите засегнати страни, вклучувајќи го и учеството на граѓанското општество“, питенцира премиерот.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.