Една година не се знае судбината на архитектот Граоркоски: Ќе се расветли или паѓа во заборав случајот?

news
Advertisement

Косте Граоркоски излегол од својот дом во Скопје околу 17 часот на 23-ти јануари минатата година, за да купи нешто од блиската продавница. Мобилниот му бил празен и го оставил да му се полни, кажал дека кога ќе се врати од пазарење ќе ја напише роденденската честитка за внукот, кој наредниот ден имал роденден, и од тој момент започнува агонијата на неговото семејство.

Advertisement

Бидејќи станувало збор за здрав, витален и одговорен човек, интелектуалец и архитект во пензија, кој пишувал книги и до последно објавувал свои текстови во повеќе списанија, семејството веднаш го вклучило алармот и тргнало во потрага, стравувајќи дека нешто му се случило.

Вознемиреното семејство во неколку наврати за „Фокус“ раскажуваше дека сака да ја открие вистината за Косте, човек кој го сакал животот, и имал многу планови, а исчезнал без траг.

Биле прегледани снимки од камери, во потрагата се вклучиле и кучиња трагачи кои го лоцирале неговиот траг кој се гледал и на снимките, но го следеле трагот до една точка, и потоа веќе не се знаело каде заминал.

Негови блиски луѓе пред три дена, точно една година од исчезнувањето, повторно ја потсетија пошироката јавност за случајот, порачувајќи да се посвети поголемо внимание на неговото исчезнување.

-Можеби би требало потрагата кон него да се преиначи во истрага со цел постудиозно да се расветли случајот за него, пишува помеѓу другото негова внука во својата јавна објава на социјалните мрежи, потсетувајќи на неговите книги и публикации, на неговите ликовни и изложби на фотографии, со констатација дека останала недопишана неговата последна книга која ја подготвувал.

Фотографијата на Граоркоски, како и неговите лични податоци се објавени на старницата на МВР за исчезнати лица. Веднаш до неговата фотографија е објавена и фотографијата и податоците на уште еден скопјанец, кој исчезна само 12 дена пред Косте и се уште не е пронајден.

Станува збор за Ристе Бочвароски (47), чии блиски луѓе тогаш за „Фокус“ изјавија дека излегол од дома околу 13 часот да се прошета. Со себе не носел мобилен телефон.

Дипломираниот електроинженер и семеен човек кој имал среден живот и бил одговорна личност, до денес исто така не е пронајден.

ИЗВОР. https://fokus.mk/edna-godina-ne-se-znae-sudbinata-na-arhitektot-graorkoski-ke-se-rasvetli-ili-paga-vo-zaborav-sluchajot/?fbclid=IwAR3MsIVPANgvIJexCLYN9F-_0NBmDTjy3huxyGKjzeFLmbMF_96C6F4y6HI

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.