Ковачевски денес пред пратениците, дојде Денот „Д“ за Македонија

news
Advertisement

Според ВМРО-ДПМНЕ власта нема ни 70 пратеници за уставните промени, според ДУИ евроинтеграцијата ја кочат деструктивни сили.

Advertisement

Премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на денешната 123. пленарна седница на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот. Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека денеска како држава треба да го направиме првиот одлучен чекор кон посакуваниот напредок на Северна Македонија и да ја искористиме историската шанса за остварување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.

– Денеска е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака државата да стане просперитетна држава, земја-членка на ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните. Денес пред пратениците ќе биде образложен предлогот за уставни измени кој е јавно достапен и од кој сите граѓани може да видат и да се уверат дека станува збор за измени кои го унапредуваат Уставот, кои не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање, а кои го отвораат патот кон ЕУ. Очекуваме сите 120 пратеници да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да обезбедат подобра иднина за сите граѓани чии претставници се тие, се вели во соопштението.

Притоа се наведува дека денеска пратениците ќе имаат можност преку аргументирана и издржана дебата да обезбедат национален консензус за уставните измени и за европската иднина на државата исполнувајќи ги обврските од преговарачката рамка со кои ќе се овозможи продолжување по европскиот пат и отворањето на кластерите и поглавјата во рамки на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

– Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО, да биде и полноправна членка на Европската Унија. Пред нас е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година. Гласот за Европа е глас за подобра македонска иднина. Од сите пратеници зависи дали ќе дадат придонес во остварување на генерацискиот сон или ќе ја втурнат земјата во изолација и десетици години неизвесност, се наведува во соопштението од Владата.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите пред днешната собраниска седница наведува дека СДСМ нема пратеници за уставни измени и уште еднаш повикуваат на предвремени парламентарни избори.

– Нека ги стават на гласање и ќе се уверат, единствено решение се избори. Власта цела година манипулира со бројки, а реалноста е дека, ако имаа 80 пратеника одамна ќе ги спроведоа уставните измени. Реалноста е дека нема ниту 70 пратеника кои ќе гласаат уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш децидно денес, како и многу пати до сега ќе го повтори својот став, дека уставни измени под овие околности и бугарски диктат нема да прифати. СДС да не ги малтретира граѓаните и државата и уште денес по неуспехот со уставните измени да се распушти Парламентот и да одиме на избори, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ пак порача дека денешната собраниска седница за уставни ќе биде одлучувачка за европската иднина и апелира до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска задача за земјата да оди напред. Преку соопштение до медиумите, ДУИ нагласува дека уставните измени се одлучувачки чекор за продолжување на преговорите за члснтво во ЕУ.

– На манипулацијата со граѓаните од страна на различни деструктивни сили и дојде крајот откако, Демократската унија за интеграција како сериозна партија со проамериканска-европска ориентација ги стави на располагање сите можни опции, само за евроинтеграцискиот процес на земјата да не биде блокиран. Демократската унија за интеграција уште еднаш ги повикува политичките партии и самите пратеници да ги остават настрана личните и партиските интереси, да не се обидуваат да ја блокираат туку, да ја приоритизираат европската иднина на граѓаните. Република Северна Македонија има свое место во големото европско семејство. На седницата ќе видиме кој е за интеграција, а кој за изолација, кој за Европа, а кој за Русија, кој за перспектива, а кој за уназадување!, се вели во соопштението од ДУИ.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.